Неквалитетната услуга, промени во условите на претплатничкиот договор, високи сметки и раскинување на договор со наплата на пенали, се најчестите причини поради кои граѓаните минатата година побарале од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да посредува во решавање на спор.
Годинава до регулаторното тело пристигнале 346 барања за решавање спор, наспроти 363 регистрирани во 2024 година, информираат од АЕК. Од вкупниот број донесени решенија, 45 се усвоени, 14 се делумно усвоени, 40 предмети се затворени со меѓувремено постапување од страна на операторот, а 109 се одбиени. Останатите барања биле непотполни, повторно поднесени, Агенцијата не била надлежна или биле отфрлени. „Граѓаните ги користат соодветните механизми за заштита што ги обезбедува АЕК“, велат од регулаторното тело
Клучни иновации што се очекуваат на овој пазар за 2026 година вклучуваат влез на трет мрежен оператор во мобилната телефонија, пуштање во употреба на телекомуникациската кула на Водно и воведување на T-DAB. Од АЕК сметаат дека 2025 година е позитивна од аспект на развојот на пазарот на електронски комуникации и потенцираат дека сите параметри што ги објавуваат на квартално ниво покажуваат позитивен тренд.
Операторите во државата веќе обезбедуваат брзина на пристап преку 5G во просек од околу 340 Mbps во градовите, со што се постигнати целите од Националниот оперативен широкопојасен план, кој е дел од неодамна промовираната национална ИКТ стратегија „SMART/MK 2030“. „АЕК успешно ги спроведува обврските предвидени во НОБП. Целите што требаше да се постигнат заклучно со 2029 година, веќе се исполнети“, истакнуваат тие. Операторите веќе обезбедуваат просечна брзина на пристап преку 5G од околу 340 Mbps во градовите и околу 120 Mbps на патиштата, иако целта за 2029 година е минимална брзина од 100 Mbps. Ова ја позиционира Македонија меѓу првите 5-10 земји во Европа по квалитет на мрежи, велат од регулаторното тело









