Локалот во Кавадарци во кој на 22 ноември настапуваше Аца Лукас е казнет со парична глоба од 100 евра, а иста казна добило и одговорното лице, поради тоа што во објектот имало трипати повеќе гости од дозволениот број во моментот на инспекциската контрола на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), објави СДК.
Според законот, за ваков прекршок – вршење угостителска дејност без исполнување на минимално-техничките услови, што во овој случај се однесува на надминување на дозволениот број гости – предвидена е казна од 100 до 300 евра за микро трговец.
Бидејќи глобите биле платени навреме, износот е намален на законскиот минимум.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, тогаш изјави дека во локал кој е регистриран за 200 лица, биле присутни околу 700 гости.
„Нема да дозволиме Кочани-сценарио. Безбедноста е прва”, рече тогаш Јанчев.









