Утрово околу 01.30 часот, на Клиниката за неврохирургија во Скопје, згасна животот на двегодишното дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ во скопската населба Гази Баба.
И покрај напорите на лекарите кои се бореа за неговиот живот повеќе од 24 часа, од клиниката потврдија дека смртта настапила како резултат на „многу тешки повреди на мозокот предизвикани од метално страно тело“.
„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг. Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело“, соопштија од Министерството за здравство.
Од полицијата пак велат дека се уште се истражува случајот и како точно дошло до повредата кај детето.
„Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето. Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26)“, изјави портпаролот на МВР .
Од Обвинителството соопштија дека веќе е издадена наредба за обдукција на телото.









