Во нацрт-извештајот се наведува дека, и покрај одредени позитивни реформи, напредокот во клучните области како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата е недоволен. Како причини се посочуваат изборната кампања, ограничените административни капацитети и недостигот на долгорочна политичка посветеност.
Вајц истакнува дека нема напредок ниту во уставните измени, поради стравувања од нови билатерални блокади, и повикува на зголемена политичка волја за надминување на ќор-сокакот. Тој нагласува дека процесот на пристапување останува заснован на заслуги и дека Владата и политичките актери мора да испорачаат „опипливи и убедливи резултати“ без понатамошно одлагање.
Во извештајот се потенцира и потребата од поголема слобода и независност на медиумите, борба против дезинформациите и посилно вклучување на граѓанското општество во реформските процеси.
Ова е втор извештај на Вајц за Северна Македонија и е подготвен како дел од пакетот за проширување на Европската комисија за 2025 година (48chasa)









