Јавното претпријатие „Колекторски систем“ – се наоѓа во тешка финансиска и оперативна состојба, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2024 година. Ревизорите изразуваат неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи, откривајќи низа неправилности и ризици за одржливоста на работењето.
Работа „на диво“ и неопремен систем
Во извештајот на ДЗР е наведено дека претпријатието веќе 35 години работи без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на влезната вода, СКАДА-систем за мониторинг и контрола и агрегати за резервно напојување.
Во извештајот е констатирано дека е проблематичен и статусот на имотот. Инфраструктура изградена пред повеќе од 35 години вредна над два милиони евра сè уште не е запишана во Катастарот, а претпријатието не поседува имотни листови за речиси ништо освен за пумпната станица „Подмоље“, која се наоѓа на земјиште од 812 квадратни метри.
„Јавното претпријатие, основачот и општините во регионот преку акционите планови и инвестициони програми не придонеле доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро“,
се вели во извештајот.
Намалена ликвидност и побарувања што може да не се наплатат
Ревизорите утврдиле дека со акумулирани обврски од над 493 милиони денари (над осум милиони евра) и блокирана сметка уште од самото основање во 2020 година, претпријатието има намалена ликвидност и се соочува со сериозни финансиски предизвици.
„Добавувачите чекаат наплата во просек по 1 139 дена или над три години, а просечен период на наплата на побарувања е 333 дена или приближно една година“,
се додава во извештајот.
Ревизијата открива и дека претпријатието има побарувањата од околу 5,9 милиони евра од водоводните претпријатија во Охрид и во Струга, за кои постои ризик да не бидат наплатени поради застареност и недостиг на правни механизми.
„Во трговските книги и финансиските извештаи со 31 декември 2024 година, евидентирани се побарувања од поврзаните друштва ЈП ’Водовод’ Охрид и ЈП ’Водовод и канализација’ Струга во вкупен износ од 5 926 683 евра, кои се преземени по основ на статусната промена и се однесуваат на корисници приклучени на колекторскиот систем заклучно со 30.06.2019 година“,
се вели во извештајот.
Според ревизорите, имајќи предвид дека поврзаните претпријатија располагаат со базите на приклучоци и до 2020 година ги изготвувале и сметките на корисниците, но немаат економски интерес да преземаат мерки за навремено утужување на ненаплатените побарувања, бидејќи ваквите побарувања претставуваат обврски кон ЈП „Колекторски систем“ – Скопје, во пракса иницираат нивен отпис.
Ревизорите нотираат и сомнително трошење пари. Во 2024 година биле исплатени околу 8 500 евра за адвокатски услуги без соодветна документација, врз основа на договор кој е оценет како неповолен. Доколку претпријатието сака да го раскине овој договор, ќе мора да плати „пенали“ од над 23 000 евра.









