Пијани насилници претепале полицајци пред дискотека, Независниот синдикат обвинува дека биле ослободени по интервенција на висок владин функционер

0
185

Независниот синдикат на полицијата соопшти дека будно ја следи состојбата по синоќешните настани од пред дискотеката „Пјур” во Скопје, кога двајца нивни колеги од Полициската станица Карпош биле нападнати од страна на алкохолизирани лица, при што се здобиле со тешки телесни повреди.

Тие велат дека со одлука на Обвинителството напаѓачите биле ослободени, откако, како што тврдат интервенирал функционер од Владата.

Целосно сме запрепастени од одлуката на обвинителството лицата да бидат ослободени и да не бидат изведени пред суд по итна постака, иако првично биле дадени насоки за тоа, за што нашите информации велат дека оваа одлука била променета од како интервенирал висок функционер од Владата, по што бил променет и обвинителот. Во настанот дополнително бил вклучен и одделот за внатрешна контрола која сега наместо вина кај лицата ќе истражува за работата на колегите – соопштиуваат од Синдикатот.

Оттаму бараат сериозен и темелен пристап од страна на сите инстуции и велат дека во текот на утрешниот ден ќе испратат  писмена реакција до Основното јавно обвинителство, но и до Министерот за внатрешни работи, затоа што нанесување на тешка телесна повреда на полициски службеник е сериозно кривично дело кое не смее да биде толерирано и допуштено да се маргинализира.

Од МВР информираа за вчерашниот инцидент и соопштија дека напаѓачите биле приведени.

На 28.03.2026 пред дискотека на подрачјето на Карпош во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Е.А.(30) од с.Горна Бела Црква, ресенско и Х.Д.Е.(34) од Турција, постапувајќи по претходна пријава дека го нарушиле јавниот ред и мир и дека физички нападнале полициски службеници додека извршувале службени дејствија, соопштија од полицијата за овој инцидент.

Оттаму посочија дека по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.