Во СДСМ имаат чувство дека ќе се обелоденат „шокантни детали за договорите Орбан-Мицкоски-Вучиќ“

0
127

По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, во која повторно посочи дека „има чувство“ за идни процеси против функционери на СДСМ, од партијата реагираа со остар и директен став, оценувајќи дека зад ваквите настапи стои страв и обид за дефокусирање на јавноста.

Според нив, откако Мицкоски ги поставил своите луѓе на клучни позиции во судството и обвинителството, сега, во момент кога и самиот станува предмет на интерес на меѓународни истраги, се обидува преку, како што велат, злоупотреба на институциите да ги сокрие вистинските процеси поврзани со криминал и корупција од јавноста.

Во реакцијата се наведува дека Мицкоски повторно „нарачува“ процеси преку медиумите, со цел да изврши притисок и да ја запре, како што велат, борбата против неговата „криминална организација“. Од таму оценуваат дека тој ја повторува истата матрица од минатото, но дека овојпат неговото „чувство“ е диктирано од страв.

„Де факто и де јуре – имаме чувство дека стравот му влезе длабоко во коските на Мицкоски“, се наведува во реакцијата.

Од партијата понатаму велат дека имаат чувство оти Европското обвинителство веќе го има предметот за, како што тврдат, „Орбановите бизнис-комбинации“, во кои, според нив, е вмешан и самиот Мицкоски.