Нема здравствено неосигурени лица, секој четврти осигуреник е без приходи, тврди ФЗОМ

0
160

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски тврди дека нема категории на граѓани кои не се опфатени со здравствено осигурување. Вели дека е обезбедено здравствено осигирување за лицата кои не остваруваат приходи.

Во Македонија има 1.836.667 осигуреници, од кои 470.774 осигуреници или секој четврти (25 проценти) се лица кои не остваруваат приходи.

Во моментот, како што информира, се работи на неколку реформи од областа на здравственото осигурување. Се работи на критериумите за лицата кои не остваруваат приходи, а тука спаѓаат граѓаните што останале без работа и граѓаните кои имаат непријавени приходи, а се разгледуваат и можностите за независно здравствено осигирување на малолетни лица до 18 години.

На брифинг со новинарите Клековски рече дека починати лица имаат активно здравствено осигурување и дека на нив се осигурени и други лица.

Причината за овој проблем, според Клековски, лежи во Управата за водење матични книги која неажурно ги доставува податоците за починатите лица.

– Координираме со матичните книги како да ја подобриме комуникацијата за прочистување на здравственото осигурување од вакви лица да биде редовно, рече Клековски.