Филипче: Власта да се откаже од укинувањето на техничката влада или СДСМ ќе се повлече од работната група за Изборниот законик

0
86

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати предупредување до парламентарното мнозинство најавувајќи дека пратеничката група на социјалдемократите и коалицијата целосно ќе се повлечат од работната група за Изборниот законик доколку власта не се откаже од укинувањето на техничката влада.

Според Филипче, обидот за укинување на техничката влада претставува „автократски манир“ на владеење и директен удар врз демократските процеси. Тој нагласи дека во услови на партизација на судството и притисоци врз обвинителството, техничката влада е единствениот механизам што гарантира фер изборен процес.

„Овој манир на владеење е еднаков на времето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година. Доколку денеска овој закон помине на Комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за работа на Изборниот закон“,

изјави Филипче.
Лидерот на опозицијата јавно праша од што се плаши власта и зошто брза со укинувањето на овој модел токму сега.

Според него, новите законски измени ќе ги направат техничките министри „кукли“ без можност да го изберат кабинетот со кој ќе работат и тоа значи дека ништо нема да може да направат.