Одлуката за запирање на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“ е уште еден удар врз довербата на граѓаните во правосудниот систем, реагира министерот за правда Игор Филков, додавајќи оти смета дека таа мора итно да биде преиспитана.
Во пишана изјава, ресорниот министер вели дека во време кога јавноста очекува расчистување на сомнежите за милионски криминал и злоупотреби, добиваме порака дека предмети од висок јавен интерес се затвораат без целосна разрешница.
Во изјавата, Филков се осврнува и на одговорот од Советот на јавните обвинители, упатувајќи порака дека пред да кажат дека будно ја следат состојбата добро е да знаат со ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем.
„Очекувам целосна транспарентност од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и јасни одговори врз основа на кои факти и аргументи е донесена ваквата одлука. Истовремено и пред да излезе Советот на јавни обвинители со одговор дека будно ја следат состојбата добро е да знаат дека ваквите одлуки директно ја рушат довербата на граѓаните во правосудниот систем“,
вели министерот за правда Филков.
Инаку, во писмената реакција на министерот за правда за запрената постапка за случајот со увоз на мазут тој не се осврнува на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска обелодени дека му се јавил на државниот јавен обвинител во врска со овој предмет.









