Кога Константин Филозоф – Свети Кирил ја создавал глаголицата, а заедно со својот брат Методиј ја ширел просветителската мисија меѓу Словените, тие не создавале само писмо. Тие создавале можност цели народи да станат рамноправен дел од духовната и културната историја на Европа. Во едно време кога знаењето било привилегија на малкумина, тие испратиле порака која и денес е современа и моќна – дека секој народ има право на образование, на култура и на духовен израз на свој јазик. Токму затоа нивното дело е поголемо од историски настан. Тоа е победа на светлината над темнината. Победа на знаењето над покорувањето…
Тоа го истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во обраќањето на свеченоста по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј одржана во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
Премиерот пред присутните потсети дека постојат цивилизации кои својата големина ја мерат преку освоени територии, богатства и империјална моќ, но, и дека постојат и народи кои опстојуваат преку словото, преку книгата, преку образованието и преку духовноста. И народи кои го имаат испреплетено патот на духовна и културна ренесанса со жесток револуционерен непокор. За нив, рече, дека се народи кои не исчезнуваат лесно.









