Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Охрид испрати порака дека трпението за борбата против корупцијата е при крај, порачувајќи дека правдата мора да стигне до сите што, како што рече, „ѝ се смеат на државата и на законите“.
Во обраќањето на свечената академија „Од слово до вечност“, што се одржа во црквата Света Софија по повод Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, Мицкоски се осврна и на незадоволството кај граѓаните од бавната испорака на правда.
Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение. И јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу подобро и со многу побрзи резултати. Немојте да мислите дека не ги слушам криците на луѓето кои гледаат како некои ѝ се смеат на правдата и мислат дека се недопирливи – порача Мицкоски.









