(ФОТО) Изгаснат е пожар во објект на поранешна текстилна фабрика во Радовиш

0
43

Радовишките пожарникари информираат дека огнот зафатил магацин каде имало запаливи материјали поради што истиот брзо се проширил

Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати и дополнително ќе се утврдуваат

Изгаснат е пожар што синоќа избувна во објект на поранешна текстилна фабрика во Радовиш, информираат од Територијалната противпожарна единица во Радовиш.

Во пожарот се зафатени производствен погон, магацински простор и дел од машините.

Од пожарот што синоќа избувна во објект на поранешна текстилна фабрика во Радовиш / Фото: „Радовиш инфо“

На терен интервенираа повеќе противпожарни екипи, а дополнителна помош е побарана и од соседните градови, како ТППЕ Струмица и ДПД Мантово.

Поради брзата и навремена реакција на пожарникарите, пожарот е ставен под контрола и е целосно изгаснат.

Според ТППЕ Радовиш, и покрај тешките услови на терен пожарникарите вложија значителни напори за да се спречи понатамошно ширење на огнот, како и да се заштитат околните објекти и имот.

„Сите пожарникари пожртвувано влегоа во просториите кои што беа во пламен, ризикувајки ги своите животи“,

се вели во аоопштението од радовишката пожарна единица.

Од објавата на Фејсбук на ТППЕ Радовиш за пожарот / Фото: Принтскрин

Радовишките пожарникари информираат дека огнот зафатил магацин каде имало запаливи материјали поради што пожарот брзо се проширил.

Како што пренесуваат дел од медиумите, за време на интервенцијата, неколку пожарникари вдишале поголема количина чад и се здобиле со полесни изгореници.

Сепак, не е пријавено дека во интервнцијата има тешко повредени лица.

Причините за избувнувањето на пожарот засега не се познати и дополнително ќе се утврдуваат.