Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) го повика градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски да побара од менаџментот на ЈСП Скопје да седне и да разговара со синдикалните организации и да најдат решение за сите отворени прашања, за да не се случи вработените повторно да тужат.
Гоце Делчев Тодев, генерален секретар на КСОМ, на денешната прес-конференција пред Инспекторатот за труд, изјави дека уште денес е потребно да најде решение, бидејќи има големо незадоволство меѓу вработените, кои и досега имаат голем број тужби против претпријатието за неисплаќање на додатокот за работа на празник.
-Сакаме да го информираме Градот Скопје, поточно до сите оние кои се менаџмент во ЈСП. Има голема реакција од сите вработени во ЈСП кои имаат сериозна забелешка во изминатиот период во делот на правење на распореди на сите возачи во ЈСП. Станува збор за следно: луѓето кои се од муслиманска вероисповед бараат утре да бидат слободни за да се направи распоредот за тие бидат на работа во петок, во однос на православните кои во петок имаат Задушница и утре да го покријат распоредот. Празниците се третираат како недела, за да не се случи луѓето во некој нареден период да мора да ангажираат адвокати, па да си ги бараат правата, бидејќи и онака има голем број тужби во ЈСП, изјави Делчев Тодев.
Тој рече дека во изминатиот период, градоначалникот на Скопје се жалел дека имал многу тужби, а ако ова продолжи и тужбите ќе продолжат. Објасни дека дел од раководството на ЈСП не сака да го послуша независниот синдикат и дека затоа мора јавно да ја пренесат состојбата во ЈСП која не е нималку сјајна









