Некултурно би било преку ноќ да го промениме ставот за спорот со Бугарија, порача Мицкоски

0
74

Мицкоски со Кошта ќе бара решение за деблокада на евроинтеграциите – некултурно е преку ноќ да го промениме ставот за спорот со Бугарија, порача премиерот.

На само неколку дена, пред доаѓањето на Антонио Кошта претседателот на Европскиот Совет, во Скопје, премиерот Мицкоски изјави дека македонската влада не е подготвена да влезе во нова авантура со билатерални барања – позициите се јасни и нема ниту милиметар да се отстапи идентитетски.

Според Мицкоски – уставните измени се само почеток и потврда за тоа е содржината на разговорот меѓу Муцунски и Чамова во Шведска.

Христијан Мицкоски премиер : Секогаш бил конструктивен во насока да се најде решение за ова вештачко билатерално барање кое го има една земја членка кон Македонија. Се надевам дека во таа насока ќе продолжиме и во иднина и сигурен сум дека за време на неговото присуство тука и на нашата билатерална средба, а потота и на работната вечера, ќе можеме да размениме повеќе идеи, да видиме дали и како може да се надмине прашањето. Ние многу пати во јавност сме ги кажале нашите позиции и би било некултурно да се очекува да се промени ставот преку ноќ.

Антонио Кошта се очекува во Скопје да пристигне во вторник на 2 јуни – како дел од неговата петдневна турнеја низ регионот, која ќе ја заокружи со копретседавање со Самитот на ЕУ- Западен Балкан, во Тиват, Црна Гора.

Можноста за проширување на ЕУ е реална, порача Кошта пред стартот на турнејата.

Антонио Кошта претседател на Европски совет: Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал – посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време за реализација.

На масата во Тиват, на 5ти јуни се очекува да биде ставен предлогот на германскиот канцелар Мерц – за асоцијативно членство на Украина и привилегиран набљудувач и забрзана постепена интеграција за Западен Балкан.

Мицкоски денеска, одби да го коментира предлогот, додека тој не стане официјален став и одлука на ЕУ и порача дека Мерц најавил вакви чекори, уште на состанокот на Берлинскиот процес во Лондон минатата година.

Премиерот изјави и дека ќе учествува на Самитот за Западен Балкан и дека е љубопитен да слушне повеќе детали за новите концепти и идеи за проширувањето на Унијата.