Мажот кој брутално тепаше и даваше жена среде бел ден во Скопје, бил од Велес, и вечерта пак ја нападнал сопругата и нивната ќерка и им се заканувал со остар предмет. Насилството беше објавено на социјалните мрежи и се бараше реакција од МВР, а МВР денеска излезе со соопштение со „брза реакција на полицијата во случај на семејно насилство“.
Иако на социјалните мрежи пишуваше дека полицијата не сакала да постапи бидејќи очевидец го пријавил настанот, во соопштението од МВР стои дека полицајците веднаш по пријавата во СВР Скопје презеле мерки за да го најдат сторителот и да ја заштитат жртвата.
-По објавите и информациите споделени на социјалните мрежи во врска со случај на семејно насилство, полициските службеници веднаш постапија и ги презедоа сите неопходни мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и заштита на жртвите. На 29.05.2026 година, околу 11:40 часот, во СВР Скопје од страна на очевидец било пријавено дека на подрачјето на Центар, машко лице физички ја нападнало својата сопруга. Веднаш по пријавата, полициските службеници презеле мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и заштита на жртвата. По преземените активности било утврдено дека лицата се од Велес, по што од страна на полициски службеници од СВР Велес биле преземени дополнителни мерки за негово пронаоѓање – пишува во соопштението.
Додека го нашле, тој се вратил во Велес и пак ја тепал и жената и ќерката.
-Откако лицето Џ.Б. (48) од Велес, заедно со неговата 43-годишна сопруга, се вратиле во нивниот дом, тој повторно извршил физички напад врз сопругата и нивната малолетна ќерка, при што им упатувал закани со остар предмет. Благодарение на брзата и координирана реакција на полициските службеници од СВР Скопје и СВР Велес, лицето во 21:00 часот било лишено од слобода. Остриот предмет бил пронајден и одземен, а сторителот бил задржан во полициска станица. За настанот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава – велат од Министерството.
Вчера на социјалните мрежи беше објавено дека девојка се обидела да спречи семејно насилство, но била вреѓана, а потоа во полиција ја игнорирале нејзината пријава бидејќи не била таа жртвата. За ова реагираше и адвокатот Јанаки Митровски, по што беше објавено дека насилникот е приведен.









