Институтот за јавно здравје доцнел со клучни извештаи за состојбата на здравјето на населението, покажува ревизорскиот извештај за работењето во 2024 година. Според ревизорите, извештаите за здравствениот кадар, заразните болести, употребата на психоактивни супстанци, користењето дроги и влијанието на загадениот воздух не биле изготвени во текот на годината, а дел од нив биле подготвени дури во 2025 година, кога веќе ја изгубиле својата актуелност и употребна вредност, објави Вечер
„ Нецелосната реализација на програмските активности и недостигот на клучни податоци и извештаи од областа на јавното здравје, оневозможуваат согледување на состојбите во здравствениот систем во државата и ја ограничуваат можноста за соодветно планирање и креирање на јавно-здравствените политики од страна на надлежни институции“, стои во заклучокот на ревизорите.
Ревизорите утврдиле и дека активностите предвидени во Националната годишна програма за јавно здравје не се реализирани во целост, при што секоја година се планираат исти мерки кои потоа не се спроведуваат целосно. Според извештајот, ваквата состојба го отежнува согледувањето на реалните состојби во здравствениот систем и го ограничува креирањето на соодветни јавно-здравствени политики.
Покрај програмските слабости, ревизијата констатирала и низа неправилности во финансиското и материјалното работење на Институтот. Не била воспоставена целосна евиденција за приемот и потрошувачката на медицински материјали, ниту било извршено усогласување меѓу сметководствената и материјалната евиденција со физичкиот попис.
Особено е посочено управувањето со вакцините. Иако Министерството за здравство ги набавува вакцините за задолжителна имунизација, тие во Институтот се примаат само со податоци за количината, без податоци за нивната вредност. Примените и потрошените вакцини се евидентираат во системот „Мој термин“, но не и во деловните книги на Институтот, поради што не е воспоставена целосна сметководствена и материјална евиденција за овие залихи.
Ревизорите утврдиле и дека пописот на побарувањата не бил извршен во целост, а за побарувања во вредност од 18,2 милиони денари, постари од три години, не биле преземени активности за наплата. Констатирани се и неправилности поврзани со ангажирање лица со договор на дело, како и недоследности при издавањето под закуп на простор во сопственост на Институтот.
Во препораките се наведува дека раководството на Институтот и Министерството за здравство треба да обезбедат податоци за вредноста на испорачаните вакцини и нивно соодветно евидентирање во сметководствената и материјалната евиденција, како и да преземат мерки за поефикасно спроведување на програмските активности и подобрување на финансиското управувањ









