Втората интерпелација од Левица за работата на Тошковски на дневен ред на Собранието

0
14

Интерпелацијата кон крајот на мај ја најави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на прес-конфренеција изјави дека проблемите во Министерството за внатрешни работи оваа година не само што не се решиле, туку и се наталожиле, а институцијата станала приватна партиска полиција

Претходната интерпелација на Левица за работата на Тошковски на дневен ред во Собранието беше на 29 април и беше отфрлена со 72 гласа „против“, додека „за“ гласаа 20 пратеници, а „воздржани“ немаше

Собранието денеска ќе ја одржи 106. седница, на која, меѓу другото, ќе се расправа и одлучува за интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратениците на опозициската партија Левица.

Интерпелацијата, чии подносители се сите шестмина пратеници на Левица во Собранието – Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил и Сашко Јанчев, е прва на дневниот ред на денешната седница.

Во материјалот за интерпелацијата, пратениците од опозициската партија наведуваат низа забелешки за работата на актуелниот министер за внатрешни работи, обвинувајќи го за крерирање приватна партиска полиција заради владино прикривање и таргетиран политички реваншизам кон опозицијата, потоа за командна одговорност за полициските пропусти кои доведоа до трагедијата во Кочани, непостапување на македонската полиција во случаи на семејно, врсничко и родово базирано насилство и говор на омраза. Меѓу другото, од Левица забележуваат и за, како што наведуваат, непрофесионални двојни стандарди при постапувањето на полицијата со различно однесување за исти или слични случаи проследено со злоупотреба на овластувањата при употреба на сила.

 

Интерпелацијата кон крајот на мај ја најави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на прес-конфренеција изјави дека проблемите во Министерството за внатрешни работи оваа година не само што не се решиле, туку и се наталожиле, а институцијата станала приватна партиска полиција.

„Како држава што е над европскиот просек по бројот на полицајци по глава на жител, сметаме дека перформансите кои ги покажува и министерот и полицијата се неприфатливи за едно демократско општество“,

изјави Апасиев на прес-конференцијата на 28 мај.