Две години на Тошковски во МВР донесоа целосен распад на безбедносниот систем, скандали, партизација на полицијата, неказнивост и заштита на криминалци, велат од опозициската СДСМ.
„Тошковски ветуваше правда, велеше „брат да ми е, ќе одговара“ ама денеска никој не одговара.
Криминалот и корупцијата цветаат во изминатите 2 години.
Нема одговорност за ниту еден криминален тендер, нема одговорност ниту за петте тони дрога кои поминаа преку македонската граница. А поминаа 6 месеци.
Во изминатите две години сведочевме на серија трагедии, убиства, вооружени пресметки, семејно и врсничко насилство, раст на трговијата со дрога и сериозно нарушена безбедност во државата.
Особено трагичен белег останува трагедијата во Кочани, во која згаснаа 63 човечки животи пред се млади. Наместо целосно расветлување и преземање одговорност, јавноста виде обиди за префрлање на вината и заштита на актуелни функционери.
Наместо професионален систем, Тошковски создаде партиска полиција во која искусни професионалци се деградираат, а подобни кадри се наградуваат.
Превенција нема. Одговорност нема.
Во Скопје беа убиени млада жена и дете и покрај повеќе од десет претходни пријави. МВР на Пенче било слепо и глуво. Во Велес жена лично му пријавувала на министерот. Исто во Велес беа убиени жена и нејзиниот татко. Во Старо Нагоричане сериски убиец со години убивал жени пред институциите да реагираат.
Семејното насилство стана секојдневие – договорност нема.
За Симе од сликите со Мицкоски кој пукаше до калашников одговорност исто така нема. За командант на Тигрите е поставен човек кој спречувал инспекциска акција и физички нападнал инспектори одговорност нема.









