Најмалку пет министри ќе ги напуштат функциите во претстојната реконструкција на Владата, дознава „Скопје1“ од повеќе извори.
Според информациите до кои дојдовме, премиерот Христијан Мицкоски ќе направи промени во ресорите правда, здравство, култура, образование и земјоделие, а можно е да има и дополнителни кадровски промени.
Неофицијално, реконструкцијата би требало јавно да биде соопштена веќе во вторник.
Според досегашните информации, Азир Алиу од коалицијата ВЛЕН го напушта Министерството за здравство. Цветан Трипуновски си заминува од Министерството за земјоделство, а на негово место треба да дојде Борче Серафимовски од ЗНАМ, кој во моментов ја извршува функцијата државен секретар во истиот ресор.
Од Владата си заминува и Игор Филков, кадар на ЗНАМ, како и Весна Јаневска од Министерството за образование и Зоран Љутков од Министерството за култура.









