Вардариште интензивно се одгаснува

0
21

Со силно темпо се работи на Вардариште! Депонијата Вардариште, која со децении е една од најголемите црни точки на Скопје, полека но сигурно заминува во историјата, вели градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, во видео-објава на социјалните мрежи.

Процесот на одгасување се одвива со одлична динамика и согласно предвидениот проект.

На терен интензивно се поставуваат цевки, шахти и целокупната потребна инфраструктура, како дел од сериозниот и системски пристап кон трајно решавање на овој децениски проблем.

По завршување на целиот процес, овој простор ќе добие сосема нов лик – од депонија ќе прерасне во огромен мега-парк, ново зелено срце и нови бели дробови на главниот град.

– Таму каде што со години имаше смет, чад и негрижа, ќе никнат зеленило, простор за рекреација, мир, свеж воздух и место за сите генерации. Скопје заслужува чиста животна средина, уредени простори и визија што се реализира на дело. Вардариште заминува во минатото – уверен е Ѓорѓиевски.

LУште колку време ќе трае средувањето на Вардариште, градоначалникот не прецизира, а во меѓувреме два-три пати повторно од ова место се ширеше чад.

Жители на Ново Лисиче, Аеродром, Маџари, лани протестираа четириесетина дена против оваа неформална депонија, која со години ги труе најмногу овие населби. Таму се палеа кабли за да се стигне до бакарот во нив и да се продаде. Во нејзина близина диво населени се околу 200 лица, за кои државата вети дека ќе ги расели, но дали тоа е направено, информација нема.