Обвинение за директорот на Инспекторатот за земјоделие — барал 100.000 евра за увоз на вештачко ѓубриво

0
18

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, доби обвинение за примање поткуп откако, според обвинителството, побарал 100.000 евра за да одобри увоз на вештачко ѓубриво и да овозможи непречен увоз и во иднина.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен обвинителен акт против Анакиев, кој се товари за кривичното дело примање поткуп.

Според обвинението, тој во март годинава, како директор на Државниот инспекторат за земјоделство, „побарал и прибавил значителна имотна корист за себе, за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши“.

„Обвинетиот вршел притисок да не се одобри увоз на вештачко ѓубриво на правно лице кое се занимавало со негово производство и увоз, иако истото и претходно повеќепати увезувало ваков вид стока. Притоа влијаел врз службено лице – фитосанитарен инспектор на граничен премин, да не го одобри влезот на стоката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на граничниот премин“, се вели во соопштението на Обвинителството.

На 13 март годинава во Свети Николе, обвинетиот директно побарал поткуп од 100.000 евра за да го одобри конкретниот увоз, но и идните увози на вештачко ѓубриво, и побарал парите да му бидат исплатени во три рати, се додава во соопштението.

Неколку дена подоцна, на 19 март, откако преку посредник му била предадена првата рата од 50.000 евра, Анакиев бил уапсен од полициски службеници додека ги преземал парите.

Со обвинителниот акт, јавниот обвинител побарал и продолжување на мерката притвор за обвинетиот.