Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар, тврди дека проектот за реновирање на градскиот водовод, финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања – SECO и Германската развојна банка – KfW е околу 98 проценти готов.
По написите во дел од медиумите дека проектот пропаднал, од „Комуналец“ тврдат дека не е така и дека за тоа поседуваат документација.
„Градежните и техничките работи не ги изведуваше ЈП ‘Комуналец’, туку договорно ангажирани изведувачи, согласно одобрена проектна документација и под двоен стручен надзор. Според документацијата и информациите со кои располага ЈП ‘Комуналец’, околу 98 проценти од предвидените работи се реализирани и тестирани. За изведените активности постојат технички записи, извештаи и видео документација. Поради тоа, не е основано целиот проект да се прикажува како нереализиран или како инвестиција без резултат“велат од ЈП „Комуналец“ – Гсотивар.
Оттаму тврдат дека две години чекаат одобрение од Јавното претпријатие за државни патишта, за да се направат уште 600 метри од трасата, што би значело целосно поврзување на системот.
„За целосно оперативно поврзување на системот останува да се изведат работи на околу 600 метри од трасата, на дел за кој е неопходна согласност од Јавното претпријатие за државни патишта. Иако барањето за согласност е поднесено пред околу две години, таа сè уште не е издадена. Без ова одобрение, не постои законска можност да се продолжи со изведбата на тој дел од трасата. Овој факт е суштински за разбирање зошто системот сè уште не е целосно ставен во функција. Затоа е потребно јасно да се разграничи изведбата на проектот од административните и институционалните пречки што го одложуваат неговото завршно поврзување“,велат од претпријатието.









