Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја исклучува можноста САД да ѝ испратат крстосувачки ракети „Томахавк“ на Украина, што, според него, би можело да изврши притисок врз Русија и да придонесе за завршување на војната.
Говорејќи пред новинари во авионот „Ер форс уан“ на пат кон Блискиот Исток, Трамп рече дека ќе разговара со Москва и ќе праша: „Дали навистина сакаат ‘томахавки’ да одат во нивна насока? Не мислам дека сакаат.“
Тој додаде дека ќе им порача на руските претставници: „Ако оваа војна не се реши, ќе им ги испратам томахавките.“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски последниве недели повеќепати побара вакви ракети, кои имаат дострел до 2.500 километри и би ѝ овозможиле на Украина да погодува цели и во азискиот дел на Русија.
Трамп го нарече оружјето „неверојатно“ и „многу офанзивно“.
И искрено, Русија тоа не го сака – потенцираше американскиот претседател. Тој рече дека веќе разговарал и со Зеленски за ова прашање.









