Градоначалничката на Лос Анџелес реагираше на немирите во делови од градот. Таа прогласи локална вонредна состојба и воведе полициски час. Американскиот претседател Трамп ја нарече калифорниската метропола „депонија“.
По немирите за време на протестите во Лос Анџелес, градоначалничката Карен Бас воведе привремен ноќен полициски час за центарот на Лос Анџелес, прогласувајќи вонредна состојба „за да се запрат вандализмот и грабежите“. Бас објави дека овој полициски час стапува во сила во вторник навечер во 20 часот по локално време (10.06) и ќе остане на сила до 6 часот наутро во среда. Мерката е ограничена на дел од центарот на градот со површина од 2,59 квадратни километри, вклучувајќи ја и областа каде што протестите започнаа во петокот. „Стигнавме до пресвртна точка“, рече Бас, откако беа ограбени 23 продавници во центарот на метрополата во американската сојузна држава Калифорнија.









