Основниот суд и Јавното обвинителство да дадат детално објаснување против кого ќе се води обвинителната постапка, побараа денеска родителите во Кочани од „Маршот за Ангелите“. И не само тоа, туку во целиот процес да се вклучат и граѓанските организации како Коалицијата за правично судење и од „Транспаренси Македонија“.
-Јавно ги повикувам да се вклучат во борбата за правда на мојот убиен и пеплосен ангел Моника Спасова, да бидат мониторинг, да надгледуваат и следат сѐ што се случува во обвинителните акти и пишувањето на пресудите. Барам помош и од Европската унија да се вклучи како дел од мониторингот во постапката, порача Верица Трифунова, мајка чија ќерка е меѓу настраданите во трагедијата во Кочани.
Родителите на починатите во „Пулс“ истакнаа дека ја продолжуваат борбата за правда и дека имаат право да знаат кои лица се обвинети, а кои не се и кои се причините за тоа. Додадоа дека се загрижени што и покрај нивните укажувања и конкретни наводи, одредени лица воопшто не биле повикани ниту на распит. Писменото барање за објаснување на целата постапка и обвинителниот акт, родителите го најавија за в понеделник.
Сметаме дека од суштинско значење е Основното јавно обвинителство во Кочани целосно да нѐ запознае со исходот од истражната постапка, како и со содржината на поднесениот обвинителен акт, односно кои физички и правни лица се опфатени, против кого се води постапката, а кои лица се изземени од одговорност, за да можеме да ги отстраниме сите дилеми коишто се јавуваат кај нас во врска со спроведената постапка. Неприфатливо е како најдиректно засегнати да добиеме информации преку медиуми или од неофицијални канали, па очекуваме транспарентност и директна комуникација со надлежните институции. Нашата болка е тешка, но нашата борба е праведна и бараме одговорност и вистина, не само заради нас, туку и заради иднината и никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија, истакна Марија Петрушова, мајка чиј син загина во „Пулс“









