Започна полагањето на државната матура – Јаневска очекува пообјективни резултати во однос на минатите години

0
219

Петнаесет илјади матуранти денес полагаа испит по мајчин јазик, првиот од двата екстерни испити од државната матура. Дел од учениците во своите училишта, дел пак во амфитеатрите на најблиските факултети каде има соодветни услови за спроведување на процесот.

Пред почетокот на полагањето, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска го посетија Земјоделскиот факултет во Скопје, каде полагаат средношколците од СУГС „Марија Кири Склодовска“. Посакувајќи им успех на сите матуранти, изразија очекувања дека годинава резултатите од матурата ќе бидат пообјективни од ланските.

„Подолго време траеја подготовките. Се разговараше со училишните раководства, набљудувачите и тестаторите и верувам дека ќе се заложат да не се случуваат ситуации како во минатото, кога цели групи ученици препишуваа, имаа идентични точни и неточни одговори, идентични есеи и така натаму. Потсетувам дека регулативата е затегната, особено за оние кои ќе биде утврдено дека прогледуваат низ прсти, нема да видат мобилен телефон во училницата, нема да забележат ливчиња, внесени учебници и така натаму. Верувам никој не сака негативни последици“, рече Јаневска.