За пожарот во Трубарево приведени четири лица, истрагата е во тек

0
216

Премиерот Христијан Мицкоски апелира да се следат препораките од институциите по пожарот во Трубарево, по чие избувнување потврди дека се приведени четири лица. Повикувајќи се на последните мерења од Армијата и Институтот за јавно здравје, Мицкоски посочи дека нема вонредно големо загадување. Уверува дека се преземени сите мерки и оти така ќе биде и во наредните денови.

– Приведени се четири лица. Истрагата е во тек. Повеќе детали од Министерството за внатрешни работи и Обвинителство, изјави Мицкоски, кој денеска го посети местото каде што вчера околу 14 часот избувна пожар во складиште за рециклирање отпад во Трубарево.

Премиерот попладнево од Трубарево посочи дека секој треба да ги следи препораките од институциите и најави дека сите кои се наоѓаат во периметарот на пожарот ќе бидат евакуирани и згрижени.

– Последните мерења што ги прават и Армијата и Институтот за јавно здравје велат дека немаме вонредно големо загадување. Ако вчера беше на мерна единица помеѓу осум и девет, сега е меѓу пет и шест, повторно има, но не е вонредно големо загадување. Зборувам во периметар од 100 метри околу местото каде што се случи пожарот, рече Мицкоски.

Прашан дали ќе побара одговорност од министерот за животна средина Изет Меџити по објавите за негови предизборни партиски активности откако избувна пожарот, рече дека цело време имале комуникација и оти се преземени сите мерки.