Од 37 јавни здравствени установи од кои 29 надвор од Скопје и осум во подрачјето на Скопје, кај 23 ЈЗУ не се установени недостатоци во работењето. Во дел од установите се пронајдени недостатоци. Очигледно со проблеми се 14 установи од кои две се во Скопје, а 12 се надвор од Скопје. Седум установи немале одобренија односно не постои согласност за ценовниците што ги наплаќаат кон пациентите. Значи сите ЈЗУ имаат ценовници, но тие ги одобрува ФЗО и Министерството за здравство. Тие установи функционирале со нивни интерни ценовници. Не тврдам дека тие се или не се на штета на пациентите, само кажувам дека не се одобрени. Кај две ЈЗУ е установено дека кон нас неправилно фактурирале услуги, а други две ЈЗУ наплаќале услуги од пациентите кои не смееле да ги наплаќаат, изјави денеска генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.
Кај една ЈЗУ надвор од Скопје, посочи тој, е констатирано дека недостигаат ампули за болка, дека лековите кои ги држат во Итната медицинска помош се под минимумот неопходен да функционираат.
– Кај една е утврдено дека немаат тимови за тоа што треба да го испорачаат. На сите ЈЗУ им е даден рок од два месеци да ги коригираат утврдените недостатоци по што повторно ќе извршиме уште една контрола. За жал констатиравме дека е затворена Домашната посета во Шуто Оризари поради недостиг на персонал за што не бевме соодветно информирани од Здравствениот дом, рече Клековски.
Тој потенцира дека истовремено извршиле контроли кои се однесуваат на исплатите на платите во други 26 установи и од нив за жал само осум биле без неправилности, а кај другите 18 установи се констатирани неправилности.
– Тоа најчесто се однесува на разликите во начинот на пресметување на дежурствата, односно колку часа держурства се пресметуваат. Имаме четири случаи каде се исплаќале и додатоци за смена и додатоци за дежурства. Имаме два случаи каде е пријавено повеќе од 32 часа месечно прекувремена работа, што е надвор од законски дозволеното. Имаме два случаи каде директорските плати се зголемени надвор од законот и колективните договори и дури осум случаи каде не ни ги доставија бараните документи кои ги вклучуваат книгите за дежурства за дополнителна дејност. На сите им упатуваме барање да извршат поврат на незаконско исплатените средства. Дел од следната контрола ќе биде да видиме дали постапиле. Станува збор за зголемување на платите од 10 отсто, појасни Клековски.
Нагласи дека во овој сет на контролирани ЈЗУ има и многу мали, има и здравствени домови, има и многу големи клинички болници. Посочи дека контролата се однесува на актуелното време, а не на минатите времиња, на сите им е дадено време да ги остранат недостатоците и тоа ќе биде предмет на повторни контроли.









