Каде ќе завршат огромните стебла од паднатите дрвја по невремето во Скопје

0
26

Никој не може точно да каже колку дрвја паднаа низ Скопје во текот на страшното невреме што се случи пред неколку денови кога ветрот со брзина од над 130 километри на час, носеше буквално сѐ пред себе – покриви, гранки, лимени огради и уриваше дрвја.

За тоа што се прави потоа со овие дрвја, каде се носат, се користат ли за нешто и кои ги користи одговор Слободен печат побара од Град Скопје.

Оттаму објаснуваат дека по расчистувањето на теренот, паднатите листови, ситните гранки и останатиот растителен отпад се транспортираат до депонијата „Дрисла“, каде што соодветно се одложуваат.

Поголемите стебла и дрвната маса спренесуваат во ЈП „Паркови и зеленило“, каде што се складираат и се подготвуваат за понатамошна намена. Планирано е од нив да се изработуваат летниковци за на Водно, урбана опрема, клупи, огради и слично – велат од Град Скопје.

Дел од урнатите стебла, како што тврдат, ќе завршат за огрев.

Според воспоставената практика, останатата дрвна маса ќе им биде доделена на социјално ранливи категории граѓани, кои ќе можат да ја искористат како огревно дрво, во соработка со Црвениот крст и со невладината хуманитарна организација „Св. Спас“. Со ова, покрај расчистувањето на последиците од невремето, дрвната маса добива корисна намена и претставува поддршка за семејствата на кои им е најпотребна – посочуваат од Градот.