НЕ Е ДО ВОДАТА – ГОСТИВАРСКИ „КОМУНАЛЕЦ“ НЕ ПРИФАЌА ВИНА ЗА МАСОВНОТО ТРУЕЊЕ

0
21

И натаму трае хаосот со водата за пиење во Гостивар, откако во последните денови над 1200 граѓани пријавиле здравствени тегоби слични на труење.

Агенцијата за храна и ветеринарство донесе одлука да ја забрани водата за консумирање, додека се чекаат анализите на земените примероци.

Но од локалното комунално претпријатие “Комуналец“ Гостивар, тврдат дека водата е безбедна за пиење.

Директорката на гостиварскиот „Комуналец“ – Артана Асани во изјава за тв Телма вели дека зголемениот број на заболени лица во Гостивар не е поради загадената вода.

Таа ги негира информациите на надлежните институции кои ја забранија водата за пиење во Гостивар поради сомневање дека таа е загадена и е извор на епидемијата која се шири во градот.

Асани вели дека „меѓу заболените има и лица кои пиеле само флаширана вода“ и според неа причина за заболувањата на над 1.200 граѓани била храната што ја јаделе или високите температури.

Претходно, МВР и Јавното обвинителство отворија истрага дали со диво поставени пумпи се уфрлале отпадни води и вода од реката Вардар директно во водоводната мрежа.