Новиот државен обвинител Савески ќе бара ПОРЕТКО ДА СЕ ОДЛУЧУВА ЗА ЗАТВОРСКИ ПРИТВОР

0
197

Мерката притвор, во правната теорија, претставува гаранција за обезбедување присуство преку ограничување на слободата на осомничено или обвинето, но de jure невино лице, затоа што има опасност да побегне, да го повтори делото кое му се става на товар или поради можност да влијае врз постапката.

Долгогодишна пракса во земјава е да се бара и да се одобрува притвор и тоа затворски, во висок процент од кривичните предмети кои ги води обвинителството, кога на власт е СДСМ.

Таквата политика низ годините имаше свои критичари и меѓу теоретичарите и меѓу практичарите, а токму новиот државен јавен обвинител Ненад Савески важеше за судија кој не ги прифаќаше секогаш таквите барања на обвинителството.

Во гостувањето на МРТ 1, говорејќи за модернизација на обвинителството, кажа дека притворот ќе биде една од темите за кои ќе воведе промени.

„Сето она што произлегува од праксата на Судот во Стразбур, односно одлуките, особено одлуките коишто се однесуваат и нè коригираат нас во постапувањето, секој јавен обвинител да ги има предвид“ вели Савески.

„Да, вклучително и на притворот, којшто се регулира со член 5 од Европската конвенција за човекови права и слободи“ вели Савески.

„Ние сме сиромашна држава. Притворот е најригорозна мерка од мерките коишто ги нуди Законот за кривична постапка. Меѓутоа и најскапа, и најнехумана. Еден ден во притвор значи одвојување на парични средства од буџетот. Како сиромашна држава треба да водиме сметка и за тоа. Да се однесуваме согласно нашите можности. Ако куќниот притвор може да ги задоволи потребите за обезбедување на конкретен обвинет во една постапка, зошто секогаш да почнеме од најстрогата мерка, којашто кажувам дека е најскапа и најнехумана? Кога го спомнувам и тоа дека таа мерка сама по себе не е хумана, тука ги имам предвид и условите во коишто се издржуваат притворите. Нашите казнено-поправни установи, институциите каде што се издржува мерка притвор, според извештаите од меѓународниот фактор, не се на задоволително ниво. Напротив, условите во коишто се издржуваат овие мерки се нехумани. Тоа треба да се има во предвид за нас од финансиски аспект, за имиџот на нашата држава пред меѓународниот фактор од аспект на хуманост, и трета работа којашто е битна во притворот: секогаш треба да се има предвид, дека треба да се почне од најблагата мерка, па до најстрогата. Прво треба да се елиминира најблагата, ако со неа не може да се обезбеди присуство на обвинетиот, па потоа… Јас, на пример, и како судија и претходно кога сум бил обвинител, сум бил поборник секогаш да применам поблага мерка, а мерката притвор да ја избегнам,“ вели Савески.