Се бара доживотен затвор за Палевски и компањоните, кај нив нема ниту каење ниту жалење

0
202

Основното јавно обвинителство во завршните зборови на судењето за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски побара максимална казна доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев. За таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, се бара од судот да му одреди соодветна затворска казна.

„Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира“, рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска.

За таткото на Вања обвинителката рече: „Нема потешка казна од загуба на дете и од живот со таква совест како во случајов на таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски. Не тврдиме дека сакал да му го убијат детето, но учествувал во киднапирањето на ќерка си и бараме соодветна казна за тоа”.

Според Обвинителството, првообвинетиот Љупчо Палевски ја водел целата операција, креирал алиби и уништувал докази. Според Обвинителството снимките и другите докази, ја утврдуваат неговата вина.