Заев: Ветивме промени и се случуваат, тргнавме од сопствените редови

0
188

Целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар, како и координaторката на Форумот на жени се разрешени вечерва на седницата на Централниот одбор на партијата. Ова го соопшти лидерот на партијата и премиер Зоран Заев по завршување на седницата пришто упати благодарност до сите за вршењето на досегашните функции.

Информира дека за нов генерален секретар е избран Љупчо Николовски и дека тој повеќе нема да биде министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Ветивме промени и се случуваат. СДСМ вечерва демонстираше сериозна одговорност пред граѓаните и сопствената земја. Донесовме одлуки што носат суштински промени“, изјави Заев.

Тој додаде дека оваа одлука е сериозен израз на одговорност по, како што истакна, пораките на граѓаните и амбициите за подобрување.

„Тргнавме од сопствените редови. Знаете донесов одлука за разрешување на претседателите на општинските организации. Продолживме и понатаму вечерва“, рече премиерот и лидер на СДСМ.

Според одлуката разрешени се Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.

Заев најави дека продолжуваат консултации за поставување на нови на овие функции и истакна дека сега е време на уште поголема иницијатива на СДСМ и целиот фокус ќе биде кон подобрување на животот на граѓаните.