Мандатот на Груевски пред пратениците откако Џафери ќе се врати од службен пат

0
12

Пратениците чекаат да се врати собранискиот спикер, Талат Џафери, од службен пат, па да биде свикана Комисијата за мандатно-имунитетни прашања за да расправа за мандатот на осудениот екс премиер, Никола Груевски, кој се уште се води како пратеник во Собранието.

Груевски е веќе половина година во бегство со што се исполнуваат условите да му биде одземен мандатот по основ на отсуство од шест месеци.

Претседателот на собраниската Комисија, Павле Богоевски вели дека за мандатот на Груевски недвојбено ќе се расправа, но дека не може да знае како ќе гласаат пратениците.

-Не е прашање на иницијатива ова е службена должност по која мора да постапиме, значи седницата на комисијата сигурно ќе се случи, но како ќе гласаат пратениците не би можел да кажам, а повторувам, верувам дека ќе се одважат доволно за да постапат согласно Уставот и законите, каде се вели дека пратеник кој повеќе од 6 месеци неоправдано отсуствува тогаш тој веќе не е достоен да има мандат на пратеник – изјави Богоевски за ТВ21.