По оставката на Павле Богоевски од пратеничката функција, неговото место во Собранието ќе го добие Александар Филиповски.
Богоевски беше петти на листата на СДСМ и Коалицијата во првата изборна единица на парламентарните избори во 2016 година. Ја предводеше сега избраниот претседател Стево Пендаровски, а дел од кандидатите, по изборот за пратеници, заминаа на други функции. Рената Тренеска Дескоска која беше на втората позиција и Дамјан Манчевски се министри а Стефан Богоев учествуваше на локалните избори и стана градоначалник на Карпош.
Александар Филиповски, кој ќе го замени Богоевски беше на 17-то место на листата кандидати за пратеници. За разлика од Богоевски кој беше независен пратеник и ја претставуваше „Шарената Револуција“, Филиповски е член на СДСМ и доаѓа од нивната општинската организација во Аеродром.
Павле Богоевски најави дека ќе се повлече од пратеничката функција кога ќе заврши расправата во Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски поради шест месечно неоправдано отсуство од Собранието.