Премиерот на одмор, метлата ќе почека – кои министри и функционери се на списокот за отстрел

0

Премиерот најави дека ќе ја фати метлата веднаш по изборите но по речиси една недела се уште не се знае кога и кој ќе биде опфатен со неа.
Зоран Заев дефинитивно ќе бара амин од Али Ахмети пред да се зафати со метла. Ова го потврди и вицепремиерката и потпретседателка на СДСМ. Радмила Шеќеринска вели дека за тоа кој се ќе биде сменет од функцијата ќе се разговара со ДУИ односно на ниво на коалиција.

Во изминативе две години речиси и немаше министер од кабинетот на Зоран Заев кој не беше поврзан со барем еден скандал или кој не покажа слаби резултати во работењето.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев беше на удар поради концесиите за хидроцентрали, учеството на негови фирми на државни тендери и грантови од фондот за иновации, менувањето на закон кои овозможи бесцарински увоз на акумулатори кои ги користи една од неговите компании, како и продажбата на ЕДС на грчкото електростопанство.
Министерот за финансии Драган Тевдовски ги воведе непопуларниот прогресивен данок и дополнителната давачка од три и пол денари за дизелот. Јавниот долг продолжи да расте, а капиталните инвестиции две години се со катастрофално ниво на реализација.
Слабите инвестиции во инфраструктурата и доцнењето на отворањето на новите автопати се главните забелешки за работењето и на министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.
Под раководство на министерот за земјоделство Љупчо Николовски производителите на јаболка и праски ја имаа најлошата сезона лани, а годинава доцни сеидбата на оризот. Засега ништо ни од ветувањето за зелена нафта и за поголеми субвенции.
Министерот за здравство Венко Филипче додели 35 милионски тендер за реагенси на новоформирана фирма кој под притисок на јавноста беше поништен. Најави спорни приватизации на секторот, а му се замерува и за ненавремената реакција со епидемијата на морбили и набавките на вакцини.

Министерката за труд и социјала Мила Царовска обелодени, како што рече самата, голема афера во Фондот за пензиско но по неколку дена под притисок на коалицискиот партнер ДУИ кој раководи со оваа институција се повлече па дури и индиректно се извини. Нејзиниот невенчан сопруг доби неколку јавни набавки без тендер, со спогодба во четири очи.

Под раководство на Министерот за администрација Дамјан Манчевски јавниот сектор продолжи да расте, а на критиките дека голем дел од новите вработени се партиски кадри одговори дека една деценија активистите на СДСМ биле дискриминирани.

СКО МАНЧЕВСКИВицепремиерката и министерка за одбрана денеска не одговори дали очекува и таа да добие метла. Нејзиното име беше поврзано со спорни грантови кои ги добија повеќе невладини.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров последниве месеци речиси не се појавува во јавноста која на големо шпекулира дека бил разочаран што СДСМ не се одлучила него да го кандидира за претседател на државата.
На Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му се забележуваат повеќе нерасчистени убиства како оние на младиот фудбалер Мартин Јанушев и двојното на улица Рузвелтова, зголемениот насилен криминал и инцидентот со Пајакот односно нападнатата полицајка.
Министерката за правда Рената Десковска заглави со реформите во судството на што во повеќе наврати предупреди и меѓународниот фактор.

Министерот за економија Крешник Бектеши кој ретко се појавува во јавноста најмногу се истакна со вработувањето на неговата сестра во МЕПСО за што доби и прекршочна пријава.

Министерот за екологија Садула Дураки речиси и не направи ништо за загадувањето а на критиките одговори дека него не го интересирале граѓаните.

Финансиската полиција поднесе кривична пријава против министерот за локална самоуправа Сухјел Фазлиу злоупотреба на европски фондови.
Министерот за образование Арбер Адеми склучи неколку тендери во четири очи за набавка на учебници.
Министерот за култура Асаф Адеми веќе си поднесе оставка од здравствени причини, а остана запаметен по скандалозната распределба на грантови за култура кога државни пари не добија манифестации со традиција како скопскиот џез фестивал, но средства имаше за ново формирани организации. Овој повик под притисок на јавноста беше повторен.
Празно е и местото во новото министерство за политички систем односно за рамковен договор кое беше формирано пред неколку месеци како резултат на дилот меѓу СДСМ и ДУИ.
Најголем дел од министрите без ресор, вкупно шест на број, речиси и не се појавуваат во јавноста.
На тапет на јавноста беа и голем дел од вториот и третиот ешалон од власта како директори во државни и јавни претпријатија, болници и клиники поради партиски и непотистички вработувања како и спорни јавни набавки.
На удар беше и првиот човек на Фондот за иновации поради скандалозната распределба на пари, како и директорот на затворот во Шутка кој си поднесе оставка откако беа претепани поранешните министри Јанакиески и Ристовски, а која не беше прифатена наводно поради распишаните избори. Тој е се уште на функцијата.