Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, размислува за револуционерни промени во составот во летниот трансфер прозорец.
Тој планира да направи голем број на дојдовни и излезни трансфери. Според „Марка“, раководството на шпанскиот гигант ќе се обиде да најде нов тим од 15 од нивните сегашни играчи. 19 ќе останат на „Сантијаго Бернабеу“.
Во плановите на Зидан за следната сезона не влегуваат следниве играчи: Кејлор Навас, Серхио Регилон, Хесус Ваљехо, Тео Ернандез, Дани Себаљос, Хамес Родригез, Мартин Јодегард, Иско, Браим Дијаз, Маркос Љоренте, Матео Ковачиќ, Герет Бејл, Оскар Родригез, Борха Мајорал и Раул де Томас.
Некои од овие играчи ја поминаа сезоната на позајмица во други клубови.
Францускиот ментор се врати во Реал во март оваа година, но не успеа да направи чудо со резултатите на тимот. „Белите“ ја завршија сезоната на третото место. Зидан е трет тренер на Реал во тековната сезона, а пред него беа Хулен Лопетеги и Сантијаго Солари. (МИА)