Ројтерс: Грчкиот премиер го урнаа Македонија и штедењето

0
273

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во понеделникот се бореше за својот политички опстанок, откако неговата партија Сириза, чија популарност падна поради штедењето и горчливиот јаз околу договорот со Северна Македонија, доби шлаканица на изборите за Европскиот парламент, вели Ројтерс.

Левичарската Сириза, која во 2015 година упадна на грчката политичка сцена на крилата на народната реакција против болните економски реформи, го претрпе својот прв голем пораз од опозициската конзервативна партија Неа демократиа.

Вознемирен од поразот, Ципрас рече дека ќе свика предвремени избори, додека Неа демократиа веднаш побара негова оставка, велејќи дека тој повеќе го немал мандатот од народот. Според законот, земјата најрано може да распише избори на 30 јуни.

„Во основа луѓето се уморни од истите луѓе на власт“, изјави политичкиот аналитичар Теодор Кулумбис.

Резултатите од европските избори покажуваат дека конзервативците водат со најмалку 10 проценти, предизвикувајќи Ципрас во неделата вечер да прогласи дека ќе свика предвремени избори.

Сепак, тој е најдолготрајниот грчки премиер откако земјата се тетеравеше од криза во криза од почетокот на финансиските превирања во 2010 година, што значи дека иако е поразен, тој не е потрошена сила, рече Кулумбис.

„(Сириза) и понатаму ќе остане во првите редови како втора најголема партија“, рече тој.

Друг аналитичар, анкетарот Костас Панагопулос од АЛКО рисрч, рече дека политичките партии што добро поминуваат на изборите за Европскиот парламент поминуваат уште подобро на националните избори, што значи проекција на победа за Неа демократиа.

Некогаш левичарски агитатор, Ципрас (44) ја изгради својата кариера како задоволувач на толпите, кој им се спротивстави на доверителите и на нивните барања за штедење. Но неколку месеци подоцна тој беше принуден да прифати мачна нова финансиска помош, кога Грција се соочи со ризик да биде избркана од еврозоната.

Нагло вртење

Неговото нагло вртење беше лошо примено од многу гласачи.

Последователниот, длабоко непопуларен договор со кој се реши долготрајниот спор околу името со Северна Македонија, исто така, вознемири голем број грчки гласачи.

Ципрас минатата година го потпиша таканаречениот Преспански договор со кој се согласи на промена на името на својот балкански сосед, решавајќи го деценискиот спор што ја држеше Македонија надвор од Европската Унија и НАТО. Но за многу Грци тоа беше неприфатлив национален пораз и присвојување на грчкото национално наследство.

Еден негов поранешен соработник изјави дека Преспанскиот договор му е непријател на Ципрас. „Тоа беше веројатно еден од најважните фактори (во европскиот изборен исход)“, рече поранешниот соработник под услов за анонимност.

„Периодот на финансиското избавување беше исто така збиен, спакуван во четири и пол години, што (за гласачите) беше како една деценија. Кај луѓето се насобра голема фрустрација, која досега немаа можност да ја истурат во гласачката кутија.“

На Грција во август 2018 година ѝ прекина строгиот економски надзор од доверителите, а администрацијата на Ципрас оттогаш воведе одредени олеснувачки мерки, дополнителни бонуси за пензионерите и намалување на данокот на промет.

Но тоа не беше доволно, вели Кулумбис. „Народот е уморен од оваа влада и од нејзиниот очајнички обид во последна минута да ги купи гласовите на луѓето што навистина страдаат од оваа криза“.

Поразот на Сириза од Неа демократија на европските избори денес ги урна обврзниците на грчката влада на рекордно ниско ниво, а референтните 10-годишни владини обврзници паднаа под 3,0 отсто./мкд.мк/