Пишува НОВАТВ
Поет, текстописец и советник за медиуми
Поетот, текстописецот и водителот Ѓорѓи Калајџиев е првиот надворешен советник кој го поставил премиерот Зоран Заев. Договорот е склучен еден ден по формирањето на Владата, на 1 јуни 2017 година. 56-годишниот струмичанец му е советник за медиуми на премиерот, а за својот ангажман добива по 40.000 денари месечно.
„Ангажиран сум на предлог и со одлука на претседателот на Владата, а моите активности се однесуваат на подготовка на брифови и документи за различни медиумски средби кои ги има премиерот, но и содржини (поенти, тези и сл.) кои подоцна ПР – секторот ги преточува во говори за премиерот“, изјави Калајџиев за ИРЛ.
Ѓорѓи Калајџиев е вработен во регионалната телевизија ТВ ВИС од Струмица. Тој е водител на две емисии во кој воглавно се обработуваат теми од културата. Советникот за медиуми на премиерот за себе вели дека не е новинар, а неговата постојана работа не е во конфликт со функцијата во владата.
„Во медиумот во кој работам 28 години, веќе 12 години не сум новинар, туку само водител на две емисии од забавно – рекреативен карактер, што значи дека немам никакви допирни точки со програмската политика на медиумот. Консултантскиот ангажман кој го имам ми дава за право да имам редовна професија“.
Калајџиев се потпишал и на неколку народни музички нумери, а оваа година советникот на премиерот ќе биде и еден од водителите на Фолк Фест Валандово, заедно со Ирена Спировска.
Потера по мистериозниот советник за Европска Унија
Љупчо Зафировски e соработник за „Олеснување на процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ, помагање во остварување на стратешките приоритети и определби на Владата во однос на евроатлантските интеграции“. Ова е единствената информација која ја добивме од Владата за овој советник на Заев со месечен хонорар од 1.200 евра. Советникот кој е еден од подобро платените не можевме да гo најдете на ниту една социјална мрежа, ниту пак неговото име се појавува на пребарувачот Гугл. Баравме некој труд, анализа или изјава поврзана со Европската Унија, но такво нешто не постои.
Зафировски е пензионер и го најдовме во едно скопско кафуле, каде релаксирано си го пиеше утринско кафе со пријателите. Му го загорчија новинарите на ИРЛ кога му пристапија да го прашаат за неговиот ангажман во Кабинетот на премиерот.
„Па не би сакал да зборувам за мојот ангажман во Владата во кафеана“, ни рече Зафировски.
Сепак ние инсистиравме дека тој е платен од државни пари и е должен да дава отчет за својата работа. Кога го прашавме каква е неговата професионална биографија и искуство за евроатлантските интеграции тој ни одговори:„Сигурно сум компетентен, штом ме избрале за советник“.
Зафировски рече дека е подобро прашањата да му ги пратиме на мејл. Ги испративме прашањата на адресата на неговата електронска пошта ecofoodexport@hotmail.com, но не добивме одговор. Ја побаравме фирмата од неговиот мејл „Еко фуд експорт“, но таа повеќе не постои.
Новинар и советник
На платниот список на Заев е и новинарот од ТВ 24 Љубиша Станковиќ. Тој е соработник за „Комуникација и односи со јавноста во процесот на реформа на правосудниот систем и учество во советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на правосудниот систем (2017-2022)“.
Станковиќ е ангажиран како ПР на Советот за реформи на правосудството од април минатата година. Тој добива месечен хонорар од 30.000 денари.
Станковиќ беше еден од жестоките критичари на претходната власт, активист и учесник во „Шарената револуција“. За неговата двојна позиција, и како новинар и како владин ПР, смета дека не е во конфликт.
- „За таа позиција, ПР на Советот за реформи во правосудството, се бараше новинар кој ја покрива оваа област. Tаков услов беше определен од Владата. Одговорам на прашања од колеги, ги организирам седниците, не правам никаков пиар, не пишувам соопштенија и слични активности кои би биле конфликт. Не разбирам зошто ова е поразлично од новинари кои седат во управни и надзорни одбори каде што реално има конфликт“, вели Станковиќ кој долги години е еден од водечките имиња во известување за правосудството и со големо професионално искуство зад себе.