Стопанствениците се жалат дека „царува“ сивата економија

0
69

Педесет отсто од колачот на бизнисот го краде сивата економија, тврдат од Сојузот на стопански комори. За стопанството најголем проблем се компаниите кои работат во сивата зона, а остваруваат милионски профити. Се пожалија дека институциите не излегуваат на терен.

– Не се таргет сите оние кои што работат занаетчиски дејности или оние кои што се обидуваат да се прехранат. Туку таргет се оние со милионски профити и со тоа директно ги оштетуваат сите оние кои што работат легално. Оние што не плаќаат даноци се за 50 отсто поконкурентни од стартот. Меѓутоа, и сите оние граѓани кои што работат кај овие нерегистрирани субјекти не добиваат ниту пензиско, ниту социјално осигурување. Навистина оштетувањето е големо, не само кај компаниите, туку и кај граѓаните, рече претседателката на ССК, Данела Арсовска.

Од Управата за јавни приходи, пак, велат дека се слушаат препораките на бизнисот за намалување на сивата економија. Посочуваат дека новата мерка за повраток на ДДВ ќе им помогне во тоа, бидејќи секој граѓанин ќе биде инспектор и ќе бара да добие фискална сметка.

– По повеќе основи имаме утврдено кои се даночните обврзници, и правни и физички лица, кои сакаат да го изиграат законот. Имаме таргетирано насоки за понатамошно постапување, секако со помош на сродните институции. Овие субјекти најчесто доаѓаат од ИТ секторот, рече директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Според податоците на Светска банка, сивата економија во земјава е околу 20 отсто. Но, според УЈП, таа изнесува од 30 до 33 проценти, со што државата годишно се оштетува за над 1 милијарда евра.