Зголемувањето на нивото на морињата ќе има далекосежни последици

Истражувачите велат дека е можно нивото на морињата да се зголеми за два метри до крајот на векот, што е двапати повеќе од сегашната проценка.

Научниците веруваат дека глобалното ниво на морето ќе се зголеми многу побрзо отколку што се очекуваше, поради брзото топење на мразот во Гренланд и Антарктикот.

Долго време се веруваше дека нивото на морето ќе се зголеми за максимум еден метар до 2100 година. Новата студија, заснована на наодите на експертите, предвидува дека нивото на морето ќе се зголеми двапати повеќе. Ова значи дека стотици милиони луѓе ќе мора да најдат ново место за живеење, велат авторите на студијата.

Прашањето за порастот на нивото на морињата е едно од најконтроверзните теми изнесени на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), кога беше објавен петтиот извештај на оваа организација во 2013 година. Во извештајот се наведува дека затоплувањето на планетата, без значително намалување на емисиите на штетни гасови, ќе доведе до зголемување на нивото на морињата помеѓу 52 и 98 сантиметри до 2100 година. Многумина експерти веруваат дека ова е дури и многу воздржана проценка.

Научниците кои го проучуваат мразот се загрижени дека моделите што во моментов се користат за да се предвиди ефектот од топењето на мразот не ја земаат предвид променливата брзина на исчезнување на ледената покривка.

Некои од водечките истражувачи во оваа област направија нешто што е наречено експертска студија за судниот ден, во која научниците дале проценка врз основа на сознанијата и разбирањето на ситуацијата на Гренланд, Западен и Источен Антарктик. Тие веруваат дека ако емисијата на штетни гасови продолжи во сегашниот опсег, нивото на морињата ќе се зголеми од 62 до 238 сантиметри до 2100 година. Тоа ќе биде свет што се загреал за уште 5 степени, што е најлошото сценарио за глобалното затоплување. „До 2100 година, топењето на ледената покривка ќе придонесе за зголемување на нивото на морињата помеѓу 7 и 178 сантиметри, но кога ќе се додадат разни глечери и санти мраз, ќе достигнеме бројка од над два метри, изјави професорот Џонатан Бамбер од универзитетот во Бристол.

Извештајот на ИПЦЦ од 2013 година исклучиво се занимаваше со она што „најверојатно” ќе се случи, што значи дека разгледувале 17-83 отсто од можностите. Сепак, новата студија зема предвид поширок спектар на податоци, со што се опфатени 95 отсто од проценките.

Ако температурите се зголемат за два степени, ледената покривка на Гренланд најмногу ќе придонесе за зголемување на нивото на морињата. Меѓутоа, во случај температурите да се зголемат уште повеќе, ледената површина на Антарктикот ќе почне да се топи уште повеќе. Според ова сценарио, последиците по животот на планетата ќе бидат огромни. Тие веруваат дека светот ќе изгуби 1.79 милиони квадратни километри од површината на Земјата – што е еквивалентно на исчезнување на територија со големина на Либија.

Повеќето земји што ќе исчезнат се во областите каде што се произведува храна, како што е делтата на Нил. Во поголемиот дел на Бангладеш живот нема да биде можен. Најголемите градови во светот како Лондон, Њујорк и Шангај ќе бидат загрозени. – За полесно да се објасни, војната во Сирија доведе до тоа милион бегалци да дојдат во Европа, вели професорот Бамбер. Тоа е 200 пати помалку од бројот на луѓе кои ќе треба да се преселат во случај нивото на морињата да се зголеми два метри.

Авторите на студијата нагласуваат дека сè уште е можно да се избегне ова сценарио, ако има намалување на емисијата на штетни гасови во наредните децении. Тие признаваат дека шансите за да се оствари најлошото сценарио веројатно се мали, околу 5 отсто е можноста за тоа, меѓутоа таквите проценки не треба да се отфрлаат, тврди главниот автор на оваа студија. – Ако ви кажам дека шансите да ве удри автомобил додека минувате улица се 1 во 20, најверојатно нема ни да се обидете да ја минете улицата, вели професор Бамбер. – Дури и ако можноста е еден отсто значи дека е можно за време на вашиот живот да се појави поплава што се појавува еднаш во сто години. Мислам дека можност од пет проценти за најлошото сценарио е многу сериозен ризик, посочува Бамбер.

Студијата ќе биде објавена во официјалното списание на американската Национална академија на науките.