Гостиварски графити тема за политички препукувања
“Мусо + Али = УБДА“ , „Гостивар нема место за гнилеж“ , „Гостиварци не се овци“ . Овие графити кои деновиве осамнаа на гостиварските ѕидови станаа тема на политички препукување меѓу ДУИ и Алијансата на Албанците
Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, на својот фејсбук профил напиша дека четворица млади активисти на неговата партија Алијанса за Албанците, биле повикани во полиција во врска со испишаните графити низ градот.
„Влерим Исени, Фатон Абдули, Бесир Мемети и Азем Лазами биле повикани во полиција бидејќи “се осмелиле” да напишат некои графити со содржина која го вперува прстот кон оние луѓе за кои дење и ноќе слушаме како крадат, навредуваат, злоупотребуваат и не` презираат. Државата наместо да се занимава со тоа, се занимава со младите кои имаат свои идеали и не трпат неправди!“, пишува Таравари.
Од гостиварскиот огранок на ДУИ истакнаа дека дека се работи за чист вандализам. Од партијата го повикаа градоначалникот да го брани јавниот имот, а не лицата кои го извршиле делото.
„Наместо да градат и да ги разубавуваат објектите, вандалите платени од општинскиот буџет, ја уништуваат јавната сопственост. Ние, како и граѓаните, оваа постапка ја сметаме за навредлива за Гостивар. Би било добро Таравари да се дистанцира од ваквите чинови, а не да ги стимулира“, стои во соопштението од ДУИ.
Од полицијата велат дека преземаат содветни мерки и активности за расчистување на случајот со испишаните графити.