Завршува фестивалот „Запознај ја Преспа“, граѓаните коментираат дека регионот не добил вакво внимание цели 20 години

0
88

Дводневната манифестација „Запознај ја Преспа“ официјално заврши а последниот ден во фокусот на настаните беше дегустацијата на локалните преспански специјалитети од храна на плажата Дупени. Присутните можеа да уживаат во домашно подготвено Ѓомлезе, Аршлама, разни зелници, петулици, циронки, белвици, штрудла со домашни овошја и други десерти, пренесе 1тв.мк

Храната ја подготви организацијата „Рурални жени од Преспа“ која со години ја негува традицијата на подготовка преспански специјалитети. Покрај зготвената храна, граѓаните можеа да купат и локални органски производи произведени од преспанските компании, домашни сокови од јаболко како и други производи од јаболко типични само за овој регион.

Посетителите денес уживаа и во турнирот во одбојка на плажа.

На плажата во Дупени беа присутни голем број на туристи, локално население, дипломати и јавни личности кои дадоа поддршка на целиот настан и ветија нови иницијативи и поддршка за развој на овој уникатен и вреден македонски регион.Во Дупени беше и премиерот Зоран Заев кој имаше можност подобро да се запознае со традицијата на преспанскиот регион, но и да ги слушне идеите за развој од граѓаните на Преспа.

Граѓаните во Преспа и Ресен коментираат дека одамна немало ваков настан во регионот.

Преспа е разбудена и спремна за иницијативи, соработка и брз развој.

Општината и сите организации кои го овозможија овој настан ветуваат дека повторно ќе се организира следната година со цел да прерасне традиција.