Извршен увид на местото на сообраќајката на скопската обиколница каде загина едно лице

0
137

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на местото на тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница, во која попладнево едно лице го загуби животот, а три се повредени, меѓу нив и двајца полициски службеници.

-Според првичните сознанија, несреќата се случила кога сообраќајна полициска патрола запрела возило „БМВ“ со гостиварски регистарски таблички кое возело со брзина поголема од дозволената. Додека полициските службеници разговарале со возачот на автомобилот, на нив налетал камион со скопски регистарски таблички. Од ударот, автомобилот „бмв“ се запалил и целосно изгорел. Притоа, на самото место животот го загубил совозачот во автомобилот „бмв“, стои во соопштението од Обвинителството.

По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција врз починатото лице, додека од возачот на камионот ќе бидат земени примероци од крв и урина заради испитување на присуство на алкохол или други супстанции кои би можеле да влијаат на неговата способност за управување со превозно средство. Врз камионот ќе се врши вонреден технички преглед со цел да се утврдат причините за несреќата, се наведува во соопштението.