Државната комисија за спречување корупција ќе истражува дали министерот за образование и наука Арбер Адеми незаконски е избран во наставно-научно звање доцент на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово во 2017 година, додека сѐ уште бил министер без ресор во Владата, објави факултети.мк.
Министерот Адеми за Факултети.мк вели дека не е контактиран од ниту една надлежна институција и дека не знае дали за него има отворено некаков предмет.
Претставката до Антикорупциска ја поднел просветниот инспектор за високо образование Ѓорѓи Илиевски по редовен инспекциски надзор во тетовскиот универзитет во април годинава.
Илиевски за Факултети.мк тврди дека при редовен инспекциски надзор на тетовскиот универзитет утврдиле дека актуелниот министер за образование и наука Арбер Адеми незаконски е избран во наставно-научно звање доцент бидејќи во периодот на изборот неговото работно место на ДУТ било во мирување. Уште двајца функционери од Владата, според Илиевски, исто така незаконски напредувале во наставно-научни звања на тетовскиот универзитет.
– Цел на нашиот надзор на тетовскиот универзитет беа изборите во наставно-научни звања на Правниот факултет. Утврдивме дека Арбер Адеми, министер за образование и наука, односно неговиот избор во доцент е незаконит. На 13 април 2016 година Државниот универзитет во Тетово донел решение за мирување на работниот однос на Адеми како асистент на Правниот факултет сѐ додека ја врши функцијата министер без ресор во Владата, согласно Законот за работни односи. Но, во периодот на мирување Универзитетот поведува постапка за избор на еден наставник. Ректорската управа на 3 февруари 2017 година донесува одлука со која асистентот м-р Арбер Адеми се избира во наставно-научно звање доцент по предметите меѓународно приватно право и арбитражно право. Јас како просветен инспектор констатирав дека оваа постапка е незаконита зашто неговиот работен однос е во мирување како министер без ресор во Владата на Република Македонија. Овој избор е спротивен на Законот за работни односи, како и спротивен на член 135, став 3 од Законот за високо образование – вели Илиевски.
На прашањето дали воопшто знаел дека додека е на јавна функција и додека му мирува работното место на факултетот не смее да унапредува во наставно-научни звања, министерот Адеми вели:
– Не, според сите практики што сме ги имале и следеле од минатото и сега. Инаку, сега со новиот Закон за високо образование експлицитно е регулирано дека може да се биде унапреден во звање ако има континуитет. По барање на самата странка може да се отвори конкурс за реизбор – вели Адеми.
Тој уште еднаш потенцира дека сите законски процедури мора да се испочитуваат и за овој случај.
До каде е постапката по претставката од Илиевски поднесена на 13 мај оваа година за тројцата функционери прашавме и во Државната комисија за спречување корупција. Претседателката Билјана Ивановска ни изјави дека имаат многу материјал и дека сè уште се работи на случајот.
– Ќе се отвори постапка за натамошно истражување по овој предмет – вели Ивановска.
Инспекторот Илиевски поднел уште една претставка – дополнување до Антикорупциска бидејќи писмата со решенијата од извештаите од Инспекторатот не ги примале службите во тетовскиот универзитет. Илиевски ни ги покажа вратените писма. Покрај печатот стои напишано „не прима“.
Изјава за овој случај се обидовме да добиеме и од тетовскиот универзитет. Ректорот Вулнет Амети не одговараше на нашите повици, а успеавме да го добиеме генералниот секретар Адем Беадини. Тој само кратко ни изјави дека службено не добиле никакво решение од Државниот просветен инспекторат околу случај на незаконско напредување во наставно-научни звања на актуелни државни функционери.
– Ништо не сме добиле официјално и не можам да коментирам ништо. Јас и не сум надлежен за коментари, си има универзитетот Сенат – вели тој.
Илиевски, пак, вели:
Илиевски вели дека не се откажува од случајот и покрај притисоците што ги трпи.
– За моите преземени активности е информиран и министерот за образование и наука Арбер Адеми, како и премиерот Зоран Заев. Овие функционери наместо да бидат пример за законито владеење, тие самите не го почитуваат. Испраќаат негативна порака, не даваат добар пример за еднаков третман во општеството – вели Илиевски.