Парадата на гордоста следната сабота во Скопје, секое насилство најостро ќе се санкционира

0
113

 

Од МВР истакнаа дека се подготвени и уверуваат дека максимално ќе се грижат за учесниците на парадата.

-Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се гарантира јавниот ред и мир на Парадата на гордоста, што ќе се одржи на 29 јуни и каков било обид за насилство ќе биде најстрого санкциониран. Ќе имаме доволен број полицајци за да помине се во најдобар ред и мир, рече денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес-конференција на Организацискиот одбор на првата Парада на гордоста.

Според ЛГБТИ центарот на настанот ќе учествуваат од 200 до 500 луѓе, што според нив е задоволувачка бројка ако се знае дека ова е прва парада во Скопје

Учесниците на Маршот ќе маршираат од паркот Жена Борец се до Градскиот парк, каде ќе има обраќања и музичка програма. Маршот ќе започне точно напладне.

– Секој учесник на парадата ќе добие алка што ќе му биде гаранција дека присуствува. Со алката секој учесник ќе може слободно да се движи во и надвор од одбележаниот простор. Во градскиот парк, односно кај Школка програмата ќе ја водат дрег кралиците Линда Социјалиста и Каја Мор. Покрај предвидените обраќања, ќе има и музичка програма во која ќе учествуваат Тамара Тодевска, Принцез Донатсу и диџеите Ивана Драгшиќ, Зоки Бејбе, Ири Скреч, Ана Мало и Узун Баба, рече Јована Јовановска од ЛГБТИ центарот.