Адеми – На прсти се бројат големите дивоградби во Охрид

0
284

 

На прстите од двете раце може да се избројат дивоградбите од типот на куќи, угостителски објекти или хотели во заштитениот појас во Охрид, објави РСЕ во редовното неделно интервју. Според градоначалникот, најголем дел од тие дивоградби се гаражи, огради или некои дополнителни скали, вели министерот без ресор Едмонд Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Адеми, граѓански организации сметаат дека ако Охрид во Баку добиеше статус светско наследство во опасност, државата од УНЕСКО ќе ја добиеше неопходната помош да изготви план за мерки за спроведување на препораките на УНЕСКО. Зошто не ја побаравте оваа помош?

Прво, хистеријата во јавноста околу тоа дека Охрид може да стане дел од таа листа на загрозено културно и природно богатство на УНЕСКО не ја направи владата. Второ, владата и сега во оваа ситуација на тие разговори во Баку што јас ги имав, не само со земјите членки на комитетот, туку и со двете експертски организации во рамките на УНЕСКО, ИКОМОС и УСЦН, договорена е експертска поддршка. Ги слушам тезите дека ќе сме добиеле и пари за колекторот. Еден колектор чини меѓу 20 и 30 милиони евра, изградбата на нов колектор во Охрид. Тие пари УНЕСКО ги нема да ви ги даде, затоа владата, знаете со нова одлука, формира ново претпријатие, кое колекторскиот систем го презема под своја капа, што до вчера беше под капата на општините, и во рамките на Буџетот оваа година планираме околу 4,5 милиони евра да вбризгаме во репарација и реновирање на пумпите, нови пумпи за колекторот, а од догодина целосно, заедно со Европската банка за развој, со Европската унија и со други институции, да можеме да ја финансираме целосно изградбата на новиот колекторски систем. Така што, целата експертска помош од УНЕСКО воопшто не е спорна, и сега ќе ја добиеме и јас ја побарав таму на средбите и ќе ја добиеме за секоја работа и потреба што ќе имаме во текот на реализација на препораките и тоа воопшто не е спорно. Напротив е добредојдено.

Уште една забелешка од граѓанските организации, кои велат дека земјата повторно нема да го постигне вистинскиот резултат бидејќи пред УНЕСКО не се презентирани вистинските бројки за дивоградбите. Дали во Баку ја презентиравте вистинската состојба за Охрид?

Од мај 2019 Охрид има нов градоначалник и тој во рок од еден месец, согласно документацијата што ја има во општината, согласно обврските, направен е регистер на дивоградби, на моментална состојба. Тој тоа го презентираше многу отворено, со бројки, колку се во вкупниот број, колку се во заштитениот појас, таму се 409. Кажа дека голем дел од тие 409 градби не се сите цврста градба, во смисла куќи, хотели, туку дел се гаражи, огради, дел се дополнителни скали. Како што кажа, ако може да го цитирам, на прстите од двете раце може да се избројат градби од типот на куќи и угостителски објекти или хотели коишто се изградени во тој појас. Јас целосно му верувам на градоначалникот дека тие бројки што ги презентираше, бидејќи тој регистар не го правеше владата, не го правев јас, туку го правеше општината и градоначалникот, дека таа е таа бројка.

Забелешката е дека во Баку е презентирана листа од 1076 дивоградби, но активистите велат дека според извештајот за имплементација на законот за легализација на дивоградби од страна на Народниот правобранител од 2015 ќе се увиди дека само општина Охрид, без Струга и Дебарца се дадени барања за легализација на над 11 илјади дивоградби.

Законот за легализација е донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, и сега ниту градоначалникот, ниту општината, ниту која било друга институција, доколку субјектот си ги исполнувал условите да си ја легализира куќата или што и да е, не можел градоначалникот тоа да му го оспори, бидејќи и да му го оспори градоначалникот, ќе му го одобри судот врз основ на закон за легализација. Сега, дали бројките се тие што ги презентираат, јас не знам, јас му верувам на градоначалникот дека актуелната состојба, онаква каква што е, во оној момент кога бевме во Баку, дека резултатите се тие. Немаме потреба да намалуваме или да зголемуваме.

Извор РСЕ