Екипа на МИА со туристички водич низ Скопје, странците воодушевени од градот

0
261

 

Дали сте посакале некогаш да бидете турист во родниот град, во градот во кој сте растеле, сте се образувале, во кој живеете?

Е таква желба добивме, гледајќи ги странците кои секојдневно ги сретнувавме низ градот Скопје, како шетаат во групи низ скопскиот плоштад, Камениот мост, мостот Око, Старата скопска чаршија. Забележавме дека се собираат околу 10 часот пред споменикот на Цар Самоил, а нив ги пречекува туристички водич.

Што ли им зборува туристичкиот водич, каде ли ги носи? Ни навираа многу прашања. А зошто и ние да не бидеме дел од туристите кои го шетаат Скопје, па така, ќе добиеме одговори на сите прашања кои си ги поставувавме.

Го сретнавме Васко Марковски, долгогодишен новинар, кој сега работи како туристички водич, дел од екипата „Фри Скопје вокинг турс”. Во медиумите, во кои работеше, пишуваше репортажи, и беше познат меѓу колегите дека тоа одлично го прави. Последнава година одлучил наместо да ги пишува репортажи, нив да ги живее секојдневно и своето знаење да им го пренесе на туристите.

Васко го најдовме во 10 часот пред споменикот на Цар Самоил, собирното место.

– Никогаш не се знае колкумина ќе бидат во турата. Во некои периоди од годината се случува и да се двајца, некогаш се 20. Ретко никој. Секогаш ќе дојде некој љубопитен, кој сака да го прошета Скопје и да дознае нешто повеќе за него, да ја слушне приказната на градот, вели Васко.

Први пристигнаа Томас и Иван од Виена. Иван има балканско, т.е. српско потекло, а со неговите родители заминал за Австрија кога имал девет и пол години. Оттогаш е таму. Во Северна Македонија дошол службено во Гевгелија и сакал слободното време да го искористи за посета на Скопје.

– Огромна разлика од Скопје до Гевгелија. Пријатно сум изненаден од она што го видов. Искрено, не очекував толку убав град, вели Иван.

Додека разговаравме со Иван, пристигнаа Френко од Лос Анџелес и Илијас од Кипар. Во меѓувреме дојде и Ибрахим од Канада. Четиричлено семејство од Словачка, мајка, татко и две деца, и така групата растеше.

-Ќе почекаме уште малку, рече Васко, кој ја водеше турата.

Пристигнаа Ема и Џејмс од Велика Британија и Нејтан од Чикаго.

Се собра една убава група млади луѓе, авантуристи, жедни и желни да дознаат нешто повеќе за градот во кој првпат доаѓаат, а за него слушнале и виделе преку Интернет.

Очите им лутаа наоколу, разгледуваа, на нивните лица се гледаше воодушевеност, а нивната љубопитност, како зараза се прошири и на нас, па и ние почнавме да гледаме наоколу како првпат да ги гледаме околните објекти.

– Ние сме фанови на Сонцето. Го имаме и на нашето знаме, им рече Васко, кој од сенката на зградите ја покажа насоката на движење, кон сончевите зраци на градскиот плоштад.

Денот беше создаден за прошетка оти познатите пеколни скопски температури, кои знаат да ги избркаат луѓето од улиците, овојпат го заобиколија Скопје. И дождот, кој зачести ова лето, го немаше тој ден. Температура малку над 20 степени Целзиусови. И времето беше на наша страна, што ветуваше убава прошетка и доживување во градот, погоден од три катастрофални земјотреси, и запален од австрискиот генерал Пиколомини. Но, кој, како феникс, секогаш успева да се крене од пепелта.

Васко почна да раскажува дека на овие простори живееле од неолитот па навака, а како доказ ја посочи најдената скулптура Големата Мајка, од неолитскиот период, која датира од петтиот милениум пред Христа.

Продавница за лифтови

Од пред споменикот Цар Самоил се упативме кон спомен-плочата, поставена на местото каде што се родила големата хуманистка, мисионерка, жената која го посвети животот на сиромашните и болните, пред три години прогласена од Ватикан за светица – Мајка Тереза. Им раскажа за нејзиното потекло, за тоа дека од 1928 година заминала од родниот град и никогаш не се вратила да живее во Скопје. Им раскажа за нејзината мајка и сестра кои се преселиле во Албанија.

– Нејзината родна куќа била разурната во земјотресот во 1963 година. Токму на ова место, кај обележаните агли, вели Васко.

-А сега, одиме кон Триумфалната порта, рече Васко, а туристите изненадени тргнаа по него.

– Објект кој потсетува на Триумфалната порта во Франција, какви што можеби сте виделе на вашите патувања во Рим, Санкт Петерсбург, Лондон, Букурешт. Кај нас е наречена „Порта Македонија”, рече Марковски.

Марковски накусо им раскажа за портата. „Порта Македонија”, претставена 2011 година, изградена да го одбележи јубилејот 20 години од независноста на нашата земја. Обложена е со мермерни релјефи. Едната страна е излог на културното наследство, другата – хронолошки преглед на значајни периоди од минатото.

– Следната станица – Жена парк.

Застанавме пред споменикот „Паднати херои за Македонија” во паркот „Жена-борец”, посветен на сите оние кои го положиле животот за ова парче земја. Еден од нејзините елементи потсетува на Брандербушката порта во Берлин, како што забележаа и дел од посетителите.

Васко им раскажа на туристите за контроверзиите околу скулптурата на Прометеј, која е дел споменикот.

– Интересно за него е што најпрвин беше гол. Но, ние сме понекогаш и конзервативно општество. Почнаа реакции, па набргу голотијата беше покриена. Така Прометеј доби гаќи, рече Васко.

За цело време тој патувањето низ Скопје се трудеше, покрај едукативна, да има и шеговита, забавна страна, за што поинтересно да им биде на туристите.

Гостите имаа можност на улицата пред Собрание да видат двокатен автобус. Џејмс и Ема од Велика Британија, забележаа дека такви автобуси има во Лондон.

Ако имаа можност госите да го видат Собранието од птичја перспектива, ќе видеа дека имаме и зграда како Пентагон.

Следната „постојка” беше вистинско изненадување и за нас. Верувале или не – во Скопје има продавница за лифтови. На излог можете да видите разни лифтови, потесни, пошироки, со црвени светла, со сини.

– Сум имал гости од 64 држави и сите сум ги прашал дали кај нив има продавница за лифтови или пак виделе во некоја друга држава, Сите ми одговорија со не. Ќе ве замолам ако некаде видите ваква продавница да ни јавите, рече со насмевка Васко.

Следна дестинација – Зелено пазарче. Туристичкиот водич нè однесе пред тезгата на која пишува „Бутик за лук”. И ова беше нешто ново за нас.

Од Зелено пазарче се упативме кон бурекчилницата спроти Заводот за статистика.

– Бурек. Еден од дневните ритуали на луѓето што живеат во Скопје. Кога бевме помлади, кога излегувавме во град, имавме обичај по ноќните журки, наутро, пред да се вратиме дома, да јадеме бурек. Може да биде со сирење, со месо, со спанаќ, дури и надреалистички – пица-бурек, создаден за помладите генерации, им објасни Васко.

Мала пауза и дегустирање бурек.

Благодарност за помошта за градот на солидарноста

По бурекчилницата се упативме кон Стара Железничка. Застанавме спроти хотелот „Бристол”, зграда од времето на Кралството Југославија, изграден во 1923 година. Васко секој објект кој го покажуваше, го објаснуваше и неговиот архитектонски стил.

Зградата од време на Кралството Југославија, и покрај тоа што редовно поминуваме крај неа, досега никогаш ја немавме загледано. И сега првпат ја видовме сета нејзина убавина, мирис на минатото и аристократски изглед.

Малку подолу од зградата застанавме спроти Старата железничка станица, на која стои часовникот застанат на времето кога се случил катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година. Земјотресот кој го урна Скопје и однесе 1100 животи. По кој, со помош на солидарноста на целиот свет беше повторно изграден.

– Како благодарност до државите, градовите, организациите, кај нас има улици наречени „Мексичка”, „Австриска”, „Алжирска”, „Букурешка”, „Варшавска”, мост „Обединети нации” и многу други. Вашите држави помогнале Скопје да биде повторно изграден. Јас и Ирена ви благодариме за вашата помош, им рече Васко на туристите, наклонувајќи се, со раката на срце. Еден убав гест, кој пријатно ги изненади присутните.

Од Старата железничка станица се упативме по улицата „Македонија”. Зелените дрвја, а на крајот ѕирка споменикот на Воинот на коњ на плоштадот. Една преубава глетка. Застанавме накратко пред црквата „Св. Константин и Елена”, која се уште не е довршена, а потоа пред Спомен-куќата на Мајка Тереза.

Зад Спомен-куќата на Мајка Тереза гостите имаа можност да ја видат Феудалната кула од 17 век, единствена во градот.

Се упативме од каде што тргнавме пред споменикот на Цар Самоил, односно пред споменикот Воин на коњ. Им објасни и за контроверзиите околу неговото поставување.

Направивме кафе – пауза во еден од рестораните на плоштадот.

Ние сме покритични за изгледот на Скопје од странците

Тука се најдовме со Зоран Ставревски. Идејата за прошетка на странци низ Скопје, е токму на Зоран. Тој почнал турите да ги прави во февруари 2016 година. Од година во година има се повеќе туристи во Скопје, ни вели, а најбројни се од Европа, на прво место Германија, а потоа од САД, Австралија Се случува во Скопје да дојдат гости и од држави како што се Казахстан, Брегот на Слоновата коска, од сите континенти.

– Имавме гости и од Ватикан. Имаме гости од Грција и Бугарија, ама ние не ја менуваме нашата приказна. Гостите се внимателни и не се впуштаат во дебата кога им ја кажуваме нашата историја. Што е интересно имаме гости Македонци од Скопје. Најчесто се млади луѓе кои сакаат да го запознаат убаво својот град. Беше и внуката на Торвалд Столтенберг, сакаше да ја види улицата во градски парк, именувана по дедо и. Пред некој ден во наша тура беше новата американска амбасадорка. Таа со себе имаше обезбедување. Жената остави впечаток дека е многу обична, и внимателно слушаше што и говорев за градот, вели Зоран.

Тој информира дека секој ден имаме две тури. Првата е во 10 часот сабајле, а втората летниот период е од 17 часот, а зимскиот од 15.

„Фри Скопје вокинг турс” се промовира на Интернет, преку Фејсбук,  има и интернет страница. Отворени се за рангирање на „Трипадвајзер”. Според „Трипадвајзер”,„Фри Скопје вокинг турс” е на прво место за Скопје.

-Бараме повратна информација од гостите. Да не излезе дека се фалам, но гостите се презадоволни и нашиот рејтинг расте. Три години по ред добиваме сертификат за одлична услуга, според коментарите на туристите, вели Зоран.

Екипата на „Фри Скопје вокинг турс” е пријатно изненадена што локалното население гледа како позитивна појава на нив.

-Ние сме покритични за нашиот град отколку странците. Тие се воодушевени од Скопје, вели Зоран.

Немале инциденти, но кога доаѓаат гости од Бугарија и од Грција се случува да се отвори дебата околу „вистината”. Но, најчесто гостите кои доаѓаат од тие две земји само внимателно слушаат без забелешки за кажаното.

– Ние не го менуваме нашето кажување во зависност од каде ни се гостите, вели Зоран.

Најмалку гости доаѓаат од Албанија, а и од Грција послабо. Од другите балкански држави има редовни посетители. Турците, иако можат често да се забележат во Скопје, најчесто доаѓаат организирано од својата држава.

Во 1959 година на плоштад двокатни автобуси како во Лондон

Се поздравиме со Зоран, а Васко ја продолжи турата пред Камениот мост. Им говореше за споменикот на Јустинијан и дека тој е роден во близина на Скопје. Им го покажа споменикот на пливачката, изразувајќи надеж дека еден ден како порано, луѓето повторно ќе се капат во Вардар.

Гостите внимателно ги разгледуваа објектите од проектот Скопје 2014. Васко ги запозна и со тоа дека на едни им се допаѓа тој проект, на други не им се допаѓа.

Тој со себе носеше фотографии од Скопје од 1959, кога низ плоштадот се возеле автомобили и двокатни автобуси.

-Еве ги двокатните автобуси. Тогашните биле британски, „Лејланд”, какви што во тоа време се користеле и во Лондон, им рече на Ема и Џејмс.

Потоа, покажа фотографија од старо Скопје, на која се гледа градската плажа, и како луѓе се капат во Вардар. Васко изрази желба во Скопје повторно да се вратат плажите на Вардар.

Им ги покажа галиите, новите мостови и објекти на кејот.

Го поминавме Камениот мост и застанавме пред Фонтаната на мајчинството, каде што им раскажа за содржините на вториот најголем плоштад во градот и за неговата трансформација низ годините. Тука туристичкиот водич со гостите направи групна фотографија.

Додека стоевме пред фонтаната, гостите го видоа и Меморијалниот центар на Холокаустот, изграден во некогашното Еврејско маало. Ги видоа и спомениците на свети Кирил и Методиј, и дознаа дека  тие се творци на глаголицата и оти го описменувале населението во Велика Моравија. Спроти спомениците на словенските просветители се наоѓаат и спомениците на нивните ученици св. Климент и Наум.

Тргнавме кон Старата скопска чаршија. Застанавме на почетокот на чаршијата, каде што гостите се запознаа со Даут Пашин Амам, кој е изграден во петнаесеттиот век, како завештание на тогашниот везир на Румелија, Даут-паша. Објектот денес работи како уметничка галерија.

Следна дестинација ни беше Капан ан, исто изграден во 15-от век. По обновувањето во 1974 година се користи како објект за деловни и угостителски цели.

Оттаму се упативме кон црквата – музеј Свети Спас. Додека одевме низ чаршијата гостите љубопитно ја разгледуваа и фотографираа. На мирисот на минатото ретко кој може да остане рамнодушен.

Тргнавме угоре по една од улиците и се упативме кон црквата Свети Спас, позната по прекрасниот иконостас, кој важи за еден од најубавите.

Васко им раскажа и за славниот револуционер Гоце Делчев, чиј гроб се наоѓа во дворот на црквата.

Туристите воодушевени од различните архитектонски стилови

Од црквата се упативме кон Калето. Сонцето веќе беше жестоко. Тргнавме кон Калето. Стигнувањето до таму, одењето низ нагорница, не е толку лесно. Но, желбата да се влезе во Калето, да се види Скопје од највисоката точка на градот, да се пешачи по патот по кој пред пет века чекореле и жителите на Горенград, како што уште се нарекува ова место, беше голем предизвик.

– Во различни периоди јадрото на градот било овде. По освојувањето на градот од Османлиската империја, Калето било претворено во армиски гарнизон, а средиштето на градот се поместило онаму, во правец кон старата чаршија, вели Марковски.

Од Калето Скопје се гледа како на дланка. Марковски, користејќи чадор, им ги покажуваше на гостите значајните објекти на градот и местата што ги поминавме со прошетката. Пред да ја заврши турата им препорача некои македонски традиционални јадења и пијалаци, кои би требало да ги пробаат.

Откако заврши турата, замоливме дел од гостите да ни раскажат за впечатоците од Скопје.

– Беше неверојатно. Ми се допадна архитектурата, скулптурите. Сѐ беше неверојатно, вели гостинот од Кипар.

Воодушевен од Скопје е и гостинот Илијас од Лос Анџелес.

-Многу убава држава. Културното наследство е неверојатно. Ми се допадна многу Скопје. Би го издвоил проектот „Скопје 2014″, кој го трансформирал градот во многу убаво место. Можеби еден од најубавите градови на Балканот, кои сум ги видел. Ми се допаѓа естетскиот изглед, архитектурата. Скопје е дефинитивно градот што ќе го препорачам на други, да дојдат и да видат колку е убаво овде, вели Илијас.

Нему предизвик му е Балканот.

-Сакам да ги прошетам, поранешните републики на Југославија. Луѓето ги посетуваат западните држави. Но, тоа веќе сум го видел. Јас сакам да ја прошетам Југоисточна Европа. Бев во Украина, во Бугарија. Сакам да ги прошетам сите држави од Југоисточна Европа. Пред да дојдам во Северна Македонија, бев во сите други балкански држави, вели тој, кој вети дека повторно ќе дојде.

Двете девојки кои ни се придружија на крајот од турата Сара и Тања од Швајцарија исто така беа задоволни од она што го виделе во Скопје.

-Интересно е. Ми се допаѓа да шетам тука и да гледам различна архитектура, ни вели Тања

-Поминуваме низ Македонија на одење во Цирих. Тука ќе бидеме три дена. Ова ни е прв ден и многу ни се допаѓа. Како што рече мојата пријателка, архитектурата е прекрасна. Ми се допаѓа тој микс од различни стилови, вели Сара од Швајцарија.

Се поздравивме со гостите и тргнавме надолу кон чаршијата. Истоштени од топлото, кое надоаѓаше, но полни со позитивна енергија. Убаво е да се биде турист во својот град. Секогаш нешто ново ќе дознаете и откриете во градот во кој сте се родиле, израснале. Тоа е впечатокот, кој го добивме од турата. Се разбира, за таа да биде интересна, забавна и едукативна, задолжен беше туристичкиот водич Васко Марковски, со кого срдечно се поздравивме. Не е лошо уште еднаш да го повториме ова прекрасно доживување.