Обвинителството бара притвор за шестмина обвинети во случајот „Дурмо турс“

Обвинителството поднесе обвинение за несреќата кај селото Ласкарци, кога излета автобус на фирмата „Дурмо Турс“ и загинаа 16 патници, а 38 беа тешко повредени. Обвинет е сопственикот на гостиварската фирма Дурмиш Белули, возачот на автобусот и уште четири лица. Се товарат за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

„Во превозникот не се водела соодветна евиденција на поправките на автобусите, на работното време, паузите и одморите на возачите, а возачите биле оставени сами меѓусебно да го организираат возењето и да водат сметка за сите обврски кои се должност на одговорното лице во превозникот. Сопственикот на фирмата превозник не водел сметка за исправноста на аналогниот тахограф и дозволил да се изврши манипулација на овој уред за да не ја регистрира правилно брзината на движење на автобусот.Свесни за континуираната техничка неисправност на автобусот, двајцата обвинети не презеле дејствија за поправка на битните делови од системот за сопирање на автобусот, знаејќи дека и во таква состојба автобусот ќе биде прогласен за технички исправен, затоа што техничките прегледи се вршеле во здружение во кое првиот обвинет исто така е одговорно лице -управител.Брзината не се регистрирала правилно на тахографот, бидејќи обвинетиот го управувал автобусот со вклучен прекинувач за неправилно бележење на брзината. Заради преголемата брзина, изгубил контрола над управувањето со автобусот, започнал лачна траекторија на движење во лево, преминал на левата сообраќајна лента и со предниот лев страничен дел од автобусот удрил во металната заштитна ограда. Преминал преку оградата и продолжил неконтролирано да се движи најпрвин преку средишното зеленило кое ги раздвојува двете сообраќајни ленти, преминал преку заштитната ограда за сообраќајната лента во спротивна насока и преку коловозот во спротивна насока.“ стои во соопштението на обвинителството.

Кобната не среќа која однесе 16 животи се случи на 13 февруари годинава.